Истражување: „Отворен Балкан“силно поддржан од извозно ориентираните компании во земјата

од Vladimir Zorba

Тинк тенк организацијата „Аналитика“ спроведе квантитативно истражување со извозно ориентираните компаниии во однос на придобивките и очекувањата од иницијативата „Отворен Балкан“. Примерокот се состои од 50 компании коишто се извозно ориентирани, а секоја е претставена од релевантен носител на одлуки, односно менаџер, директор, сопственик итн. Стратификацијата е направена во согласност со застапеноста на бизнис секторот по дејности и бројот на вработени според последните достапни податоци од ДЗС за 2018 година и има три стратума, вид на индустрија, број на вработени и години на постоење на компанијата.

Согласно наодите од истражувањето, многу голем процент од компаниите сметаат дека иницијатива „Отворен Балкан“  е од големо значење за нив поради можностите за подобрување на работата и остварување на поголем раст на компанијата. Високи 96,4% од анкетираните рекле дека оваа иницијатива би отворила нови можности за нивната компанија, наспроти само 3,6% кои го сметаат спротивното.

Компаниите во истражувањето во најголем дел сметаат дека во моментов не постојат пречки за економска соработка во регионот. Девет од десет анкетирани (89,3%) рекле дека не постојат пречки за економска соработка помеѓу земјите во регионот додека 10,7% навеле конкретни проблеми и пречки. Најчесто споменувани пречки се долго задржување на границите, обемна документација и други административни проблеми кои го успоруваат или отежнуваат работењето.

На прашањето „Дали сметате дека со иницијативата Отворен Балкан можностите за трговска размена во регионот ќе бидат исти како меѓу земјите членки на ЕУ?“, 63,3% од анкетираните рекле дека можностите ќе бидат исти, 30% рекле дека ќе бидат слични но не исти а останатите 6,7% немале доволно информации за да оценат.

Од останатите анализи и прашања, се издвојуваат неколку важни наоди во однос на движење на капиталот и луѓето. Бојана Христовска од Аналитика кажува дека согласно истражувањето, најголем дел од компаниите сметаат дека иницијативата “Отворен Балкан” ќе го олесни движењето на капиталот (92%). Четири од десет анкетирани (41,7%) сметаат дека најголемо олеснување за движење на капиталот е потребно кај директните инвестиции, потоа во личните движења на капитал (33,3%) и во финансиските заеми и кредити (16,7%). Дополнитлено, 79,3% од компаниите сметаат дека „Отворен Балкан“ ќе го олесни движењето на луѓето во целост.

Тамара Мијовиќ Спасова од „Аналитика“ смета дека ваквите иницијативи се добри и корисни за компаниите. Сепак, таа додава дека тие не може да го постигнат целосниот потенцијал заради тоа што земјите од Блаканот сеуште имаат нерешени билатерлни спорови кои ја обременуваат и економската соработка. „Иако регионалните иницијативи ја стимулираат соработката на Западен Балкан и ги олеснија комуникациите, сепак тие до досега многу малку направија за да помогнат во приближувањето на регионот до ЕУ или за подобрување на социјалната, политичката и економската средина. Поради нерешените билатералните спорови, тие дадоа само ограничени резултати“ – смета Спасова.

Според „Аналитика“, главните предизвици пред кои се исправени земјите од Западен Балкан во нивната посветеност на европската перспектива како нивни одлучен стратегиски избор може да се поделат во неколку групи и тоа:

Зајакнување на добрососедските односи и помирувањето и регионалната стабилност што бара координирани индивидуални и колективни дејствија  од страна на земјите, посилна борба со корупцијата и организираниот криминал и владеењето на правото, продолжување со реформите за влез во ЕУ и понатамошно продлабочување на регионалната економска интеграција врз темелите на правилата и стандардите на ЕУ.

Спасова додава дека економскиот развој е клучно прашање доколку земјите од Западен Балкан сакаат да направат подобар и побрз напредок кон европска интеграција. Дополнително, како земји кандидатки за членство во ЕУ, земјите се должни да го усогласат националното законодавство со законодавството на ЕУ. Оттука како значаен предзивик за земјите од Западен Балкан е да продолжат и во иднина континуирано да ја следат својата законска регулатива и истата да ја усогласуваат со законодавството на ЕУ со цел нивно приближување до внатрешниот европски пазар.

Истражувањето е изработено во рамки на проектот „ЕКОНОМСКА ИНТЕГРАЦИЈА НА ЗАПАДНИОТ БАЛКАН – мини-шенген, регионална економска соработка и заеднички регионален пазар – мапирање на напредокот – можност за приближување на Северна Македонија кон внатрешниот пазар на ЕУ”, што го спроведува Аналитика – Скопје, со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Слични содржини