Истражување за степенот на доверба помеѓу етничките заедници коишто живеат во Република Северна Македонија

Во ноември 2020 година, Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“ – Скопје, спроведе Истражување за степенот на доверба помеѓу етничките заедници коишто живеат во Република Северна МакедонијаОд спроведената анкета, добиени се одговори од 635 испитаници од кои 275 (43%) се жени и 360 машки (57%), припадници на различни етнички заедници коишто живеат на територија на Република Северна Македонија.

По обработката и анализа на добиените податоци, креирано е истражување коешто овозможува да се опише степенот на доверба помеѓу различните етнички заедници кои живеат во Република Северна Македонија, испитување на поврзаноста на одредени карактеристики (пол, степен на образование, работен статус и религиска припадност) со формирањето на ставови за различни етнички заедници, а исто така, истражувањето овозможи и пристап до корисни заклучоци кои ги опишуваат и објаснуваат актуелните состојби поврзани со меѓуетничките односи.

Од истражувањето добиени се следниве најзначајни заклучоци:

1. Најприфатливи за соседи, пријатели, брачни партнери, соработници, вработени итн. се припадниците на мнозинската заедница, односно припадниците на македонската етничка заедница, а втора најприфатена заедница според прегледот на вкупните одговори на испитаници се припадниците на турската етничка заедница.

2. Најмалку прифатена, воедно и заедница којашто ужива најниска доверба од другите заедници е ромската заедница, сепак специфично е тоа што Ромите се перцепирани како најдискриминирана заедница во последните 2 години, но сепак уживаат најниска доверба од другите заедници. Втора заедница, по ромската, како заедница со која најмалку би соработувале и имаат најниска доверба е албанската етничка заедница, којашто пак е перцепирана од испитаниците како најпривилегирана заедница во државата.

3. Во однос на полот, воглавно, жените повеќе би сакале соработка со припадници на други заедници од мажите, а единствено мажите се повеќе отворени за стапување во брак со припаднички на други заедници од жените.

4. Според податоците, образованието игра важна улога во довербата и отвореноста кон другите заедници, така што воглавно испитаниците коишто имаат повисок степен на завршено образование имаат и поголема толеранција и отвореност за соработка со другите заедници во однос на дел од прашањата.

Според добиените податоци, јасно може да се забележи тренд којшто укажува на тоа дека образованието има важна улога во унапредувањето на односите помеѓу етничките заедници. Истражувањето за степенот на доверба дава слика за односите помеѓу различните заедници во Република Северна Македонија, и укажува на важноста на креирање на инклузивно образование и потребата од практично спроведување на стратегијата за Едно општество.

Слични содржини