ИТ експерти за „Локално“: Доколку падот на Фејсбук е поради хакерски напад, компанијата никогаш не би признала

од Nikola Popovski

Падот на Фејсбук и апликациите во негова сопственост, Инстаграм и Ватсап, за помалку од седум часа, предизвика бројни теории на заговор, но исто така навести и каков хаос би предизвикала дигиталната апокалипса, во која социјалните мрежи и интернет-средствата за комуникација ќе исчезнат.

Несреќниот ден за Фејсбук, во кој неговиот основач Марк Закерберг загуби шест милијарди долари поради прекин на работата на сервисите, се случи на денот кога беше објавено интервјуто на свиркачот и поранешната менаџерка на компанијата Френсис Хоген, која излезе со тврдење дека компанијата ги става профитите над јавниот интерес.

Сепак главното прашање што се поставува е како дојде до „колапсот“? За , ИТ експертот Цветан Џиковски, ниту една од услугите не биле паднати на 4-ти октомври.

-Сите услуги беа функционални, само не можевме да ги пристапиме. DNS записите од Фејсбук услугите со ажурирање беа избришани. Лаички да го објаснам ова, во еден именик имате запишано телефонски броеви од вашите познаници. Во еден момент се брише дел од вашиот именик и вие не сте во можност да се јавите кај некој познат. Тој ваш познат не исчезнал, не е недостапен, не е исклучен, не престанал да постои, туку просто вие не знаете како да стапите во контакт со него. Тоа се случи и тука, дел од DNS (лаички: именикот на интернетот) записите беа избришани, вели Џиковски во разговор за „Локално“.

На прашањето како е можно системот за физичка контрола на пристап да е толку директно поврзан со работата на центарот за податоци, што во случај на дефект на мрежата, се блокира и физичкиот пристап, експертот вели дека интересно е што и покрај целиот напредок околу нас, голем дел од луѓето се уште не ни помислуваат каде се околу нив тој напредок е имплементиран.

-Се уште се смета дека системот за картички е со еден кабел поврзан со некој уред позади обезбедувањето. Реалноста е сосем поинаква. Системот за евиденција се наоѓа на некој сервер, кој се наоѓа на некој облак (клауд, анг. cloud), кој можеби физички се наоѓа во таа зграда, но можеби е илјадници километри оддалечен. Исто како и вие што не сте можеле да пристапите до веб страната на Фејсбук т.е. нивниот сервер, така и овој читач на картички не знаел како да пристапи до серверот затоа што „контактот“ му бил избришан, информира тој.

Да се бутне целата инфраструктура на Фејсбук воопшто не е лесно, одговара Џиковски на прашањето дали е можно да дошло до хакерски напад.

-Дури и намерно да се обидеш да го направиш тоа. Тешко некој би успеал да добие соодветни пристапи за да го направи тоа. Јас повеќе сметам дека некој направил толкава глупост (човечка грешка), што ни сам не е свесен што направил. Од друга страна, нели, се е можно и доколку стварно е хакерски напад, дали стварно мислите дека толкава компанија која раководи со толку лични податоци, би признала туку така дека е хакерски напад. И доколку навистина било хакерски напад, можам да кажам дека навистина ги бидува, посочува ИТ експертот.

На прашањето што би требало да се стори за да се избегнат повторно вакви епизоди, Џиковски вели дека може да наброи доста сценарија и системи за „заштита“, но сепак инженерите во Фејсбук сигурно ги имаат размислувано сите сценарија.

– И покрај се тоа, сепак се случи ова. Се уште не постои толку добар систем кој може 100% да заштити од човечка грешка/глупост, додава тој.

За тоа дали падот на Фејсбук можеби е поврзан со откритијата на „Волстрит Журнал“ за бескрупулозноста на бизнисот на корпорацијата, ИТ експертот информира дека се е можно.

– На тоа ниво се водат доста високи политики, политики кои ние „обичните смртници“ не можеме да ги сфатиме целосно. Затоа никогаш не може 100% да биде исклучена никоја опција, вели Џиковски и додава дека преголемото користење на Фејсбук знае да биде „токсично“.

– Фејсбук услугите паднаа на само 6 часа. Колку за контекст, тоа е:
* Помалку од еден работен ден

* 3 филма обични или 2 од Марвел оние подугачкине

* 6 епизоди од Squid Game (сега е популарна, па затоа таа ја земав за репер)

* Едно искачање во град (кафана па дискотека)

* 2 машини алишта за перење
* романтична вечера и прошетка со девојката/дечкото

* една или повеќе партии борд гејмс (во зависност од играта)

* одење на митинг во Скопје…

И покрај сите овие работи, нај зборувана тема во рамки на цел свет беше падот на Фејсбук. Колку од вас почувствуваа анксиозност? Колку од вас се чувствуваа одвоени од светот и пријателите? Колку од вас не знаеа што да прават тие неколку часови? Колку од вас седнаа муабет да прават со фамилијата после кој знае колку време? Колку од симптомите што ги имавте, ве потсетуваа на симптомите што ги имаат зависници од дрога, алкохол, коцка,…. кога не можат да ја земат дозата? Дали некој од вас смета дека ова не е „токсично“?

Не ме сфаќајте погрешно, Фејсбук има многу добри работи. Фамилии и другари остануваат во контакт. Љубовни врски започнале таму. За време на полициските часови, не држеше да не побудалиме. Но се тоа мора да биде со одредени граници т.е. да не се претерува, посочува Џиковски.

Според него, со падот на социјалните мрежи, најмногу доби самиот Фејсбук.

– Не знам кој знае, но неколку години наназад се водат некои кампањи за гаснење на Фејсбук. Сега цел свет од прва рака виде каков би бил светот без Фејсбук. Дали мислите дека после ова ќе има некоја посебна поддршка за тие иницијативи? Дали мислите дека тие сенатори кои беа против Фејсбук, немаа некој син/ќерка, жена/љубовница, сосед,…кои во тие 6 часови не им се качиле на глава зошто нема Фејсбук? Фејсбук ќе искочи далеку појак од ова!, вели ИТ експертот во разговор за „Локално“.

Од компанијата Brainsterза „Локално“ велат дека тоа што тоа што целата Фејсбук фамилија на апликации (како што сакаат тие самите да ја нарекуваат) падна истовремено не ги изненадува, имајќи ја предвид историјата на тоа како се развиваа овие апликации пред и по аквизицијата од страна на Фејсбук.

-Имено, при купувањето и на Инстаграм и на Ватсап од страна на Фејсбук, ветувањата беа дека овие апликации ќе останат автономни. Меѓутоа со тек на време политиката на Facebook беше да се интегрираат трите апликации во едно централно место, што доведе до заминување на основачите и на Инстаграм (Kevin Systrom и Mike Krieger) и на Ватсап (Jan Koum и Brian Acton). Поради овие причини денеска можете да комуницирате преку Фејсбук Месинџер со луѓе што немаат Фејсбук (вашите пораки ќе стигнат во нивниот инбокс на Инстаграм).

Ваквата наклонетост кон централизација е меч со две острици. Од една страна овозможува поврзување на луѓе што користат разни апликаци и нуди дополнителни опции за монетизација. Од друга страна, проблем во една апликација каскадно се рефлектира што значи дека сите останати се засегнати. И не само тоа, покрај овие апликации, при падот престанаа да работат сите сервиси во рамки на Фејсбук како нивните внатрешни комуникациски канали, системите за контрола на пристап и можеби најбитно протоколите за пристап до серверите што ги спречи да го средат проблемот од далечина и мораа да испратат квалификуван кадар, физички, да пристапи до серверите за да го среди проблемот (поради што и падот траеше повеќе од вообичаено).

Конечно, да одговорам на прашањето, истовремениот пад на разни апликации е сосема нормален и нема ништо сомнително во него од техничка појдовна точка, објаснува Ивица Пешовски, технички директор на „Brainster“.

За системот за физичка контрола на пристап што е директно поврзан со работата на центарот за податоци, од компанијата велат дека е проблем кој што ќе биде се почест дури и во помали, секојдневни размери.

-Замислете само колку луѓе во еден вистински „паметен град“, нема да можат да влезат во своите домови ако наеднаш тој град снема струја. Сите лифтови и ескалатори ќе застанат, читачите на картички и тагови нема да работат, автоматски врати нема да се отвораат, читачи на отпечаток од прст и останати методи на автентикација ќе станат неупотребливи. Истово сега пресликајте го во онлајн околина во една компанија од рамките на Facebook каде централниот сервер што овозможува пристап станува нереспозивен, што е валидна последица на техничката грешка што се случи.

Интернетот е новата електрична енергија и мораме да сме свесни за сите придобивки и последици што ги носи со себе. Поради ова е битно што побрзо да се овозможат услови за стабилна интернет инфраструктура, како воведување на 5G мрежи, сателитска покриеност и слично за да уживаме во благодетите на дигиталното општество бидејќи ние денеска едноставно не можеме да живееме како што живеевме пред 20-тина години, велат од „Brainster“.

Според Пешовски, следењето на развојот на настаните по неговото поправање го тераат да верува дека не се работи за никаков хакерски напад и дека е само еден скап технички проблем.

-Да имаме само предвид дека и во случај да имало напад од надвор, со комуникациска гледна точка, „технички проблем“ изгледа далеку подобро за репутацијата на Фејсбук бидејќи на корисниците, акционерите и сите останати засегнати страни дека им дава посилен впечаток дека компанијата има контрола врз ситуацијата, додава Стефан Смиљаноски, маркетинг Директор на Brainster.

За да се избегнат повторно вакви епизоди и големи губитоци, од компанијата истакнуваат дека тука е апликативна Wall Street максима „Don’t put all your eggs in one basket“, односно ако имаш бизнис, немој да се потпираш на една платформа (или во овој случај една групација на платформи).

-Бизнисите треба да го диверзификуваат своето присуство на што повеќе платформи кои се релевантни за нивните потрошувачи со профили кои редовно ќе бидат ажурирани со потребните информации и содржина. Исто така, посветено да ги развиваат сопствените платформи за содржина (вебстраница, блог, email листи итн.), појаснува Смиљаноски.

Јавноста треба да го прифати фактот дека за Фејсбук прв и најголем приоритет се неговите акционери, вели меѓу другото од „Brainster“ на прашањето дали Фејсбук е навистина „токсичен“.

-Потоа следат огласувачите кои плаќаат значителни суми за нивните реклами да им се прикажат на најсоодветните корисници. Дури потоа доаѓаат корисниците чие искуство се создава преку алгоритам што тие самите го хранат со информации за нивните интереси и ставови. Оттука, што повеќе се интересираат и влегуваат во интеракција во „токсични содржини“ толку повеќе таквите содржини стануваат дел од нивното понатамошно ФБ искуство.

Кога се во прашање децата, секако дека не можеме да го лишиме Фејсбук од било каква одговорност, бидејќи истиот силно влијае на личности кои се сè уште во фаза на развој.

Но, од друга страна пак не ни треба да очекуваме дека целата одговорност за заштита на младите од „токсичните содржини“ треба да лежи во рацете на една глобална технoлошка корпорација. Поголемa улога овде исто така треба да одиграат семејството, едукаторите, врсниците и сите останати во непосредна средина на младите, потенцира Смиљаноски  и додава дека без разлика на тоа дали се работи за интерен дефект или пак за надворешно влијание, Фејсбук несомнено веќе има инвестирано значителни ресурси во креирање и имплементација на процеси што ќе спречат вакво сценарио во иднина.

Од „Brainster“ заклучуваат дека платформите што не се дел од групацијата на Фејсбук, како Tвитер, Снепчет и Телеграм добиле најмногу со „падот на светската сила“.

-Покрај бизнисите и самите корисници увидоа што може да се случи кога го централизираат своето дигитално присуство на едно место, вели Смиљаноски во разговор за „Локално“.

Н.П.

Слични содржини