Италија изедначи рекорд стар 83 години

од Vladimir Zorba

По натпреварите од третото коло од групата А на Евро, репрезентациите на Италија и Велс се пласираа во осминафиналето, додека Швајцарија го освои третото место и ќе мора да го чека исходот во другите групи за да открие дали оди понатаму.

Италија го победи Велс со 1-0 во последното коло во Рим на „Олимпико“, забележувајќи ја третата победа во групата.

Голот на одлуката го постигна Матео Песина во 39-та минута од натпреварот. Велс играше без исклучениот Итан Ампаду од 55-та минута.

Тоа беше 30. натпревар на „азурите“ по ред без пораз, со кој тренерот Роберто Манчини изедначи рекорд стар 83 години. Најдолга серија досега без пораз „азурите“ постигнаа од ноември 1935 година до декември 1938 година кога под водство на Виторио Поцо одиграа 30 натпревари без пораз со 24 победи и шест нерешени натпревари.

Последниот пораз на Манчини на клупата на Италијанците беше забележан во септември 2018 година во Лисабон против Португалија (0-1) во Лигата на нации, а потоа неговиот тим забележа 25 победи и пет нерешени средби.

Слични содржини