Италија воведува ковид-дозволи за сите вработени

од Vladimir Zorba

Италија ќе воведе задолжителни „зелени дозволи“ за сите вработени, доказ за вакцинација, негативен тест или опоравување од вирусот, а новите мерки на владата во Рим се првите во Европа и се сметаат за најстроги во светот.

Како што дознава Би -Би -Си, секој што нема дозвола ќе се соочи со суспензија од работа и можност платата да му биде суспендирана по пет дена без пропусницата.

Мерката, која треба да стапи на сила на 15 октомври, има за цел да ја зголеми вакцинацијата во земја инаку тешко погодена од ширењето на коронавирусот.

Зелените ковид-дозволи се дигитално обработени документи кои се веќе потребни за влез во италијанските железнички станици, кина, за одење во ресторани, спортски сали и базени, пренесе Танјуг.

Наставниот кадар во образовните институции во Италија, исто така, мора да ги има овие дозволи, и според извештаите на медиумите, поради неисполнување на оваа обврска, некои наставници наводно биле отпуштени.

Италијанската влада го одобри новиот закон со кој се воведува оваа обврска во сите сектори, а компаниите и работниците фатени без пропусница може да бидат казнети до 1.500 евра.

Објавувајќи ја оваа нова мерка, министерот за здравство на Италија, Роберто Сперанца, посочи дека ќе ја подобри епидемиолошката безбедност и ќе го направи процесот на имунизација поефикасен.

И покрај противењето на вакцинацијата на гласно малцинство Италијанци, мнозинството ја поддржа владината кампања за вакцинација, така што речиси 65% од Италијанците се целосно вакцинирани досега, но инфекциите се уште се во пораст поради ширењето на позаразниот делта-вирус.

Слични содржини