Италија заплени јахта поврзана со Путин

од Vladimir Zorba

Италијанската влада нареди заплена на луксузна јахта која во медиумите е поврзана со рускиот претседател Владимир Путин.

Елегантната „Шехерезада“ со шест палуби е на поправка во италијанското пристаниште Марина ди Карара од септември, но неодамнешните активности на пристаништето сугерираат дека екипажот можеби се подготвува да исплови, објави Ројтерс.

Италијанското Министерство за финансии соопшти дека истрагите покажале дека сопственикот на јахтата имал врски со истакнати руски владини функционери и луѓе кои биле цел на санкциите на Европската унија.

Неговиот сопственик никогаш не бил јавно идентификуван, но се шпекулира дека му припаѓа на Путин или на член на неговиот близок круг.

Извор кој има информации за истрагата во врска со јахтата изјави дека италијанската полиција верува дека сопственик е Едуард Худаинатов, поранешен шеф на рускиот енергетски гигант „Роснефт“, кој моментално не е цел на санкциите на ЕУ.

Министерството за финансии не го наведе името на сопственикот, но соопшти дека побарало од Европската Унија тоа лице да се додаде на списокот со санкции и нареди јахтата да биде запленета до конечната одлука.

Слични содржини