Италијанците дозволија гледачи на Европското

од Vladimir Zorba

Италијанската влада им дозволи на гледачите да се вратат на натпреварите на Европското првенство во фудбал на стадионот „Олимпико“ во Рим со најмалку 25 проценти од капацитетот на стадионот, се вели во соопштението на Италијанскиот фудбалски сојуз (ФИГЦ).

– Оваа владина одлука е одлична вест што веднаш ќе и ја пренесеме на УЕФА – рече претседателот на ФИГЦ, Габриеле Гравина.

– Ова е порака за голема доверба и извонредна визија. Италија покажа храброст, Италија се бори против пандемијата и истовремено работи на безбедно рестартирање според јасна и дефинирана програма и календар – додаде Гравина, заблагодарувајќи им се на премиерот Марио Драги и министерот за здравство Роберто Сперанца, пренесе „Хина“.

Во понеделникот, шефот на Националниот здравствен совет, Франко Локатели, рече дека рокот што го даде УЕФА до Рим за попрецизно дефинирање на бројот на гледачи што можат да присуствуваат на натпреварите на Европското првенство е прекраток. Сепак, Италија се најде во ситуација да ги прифати условите на УЕФА или да ги загуби натпреварите.

Рим е еден од 12-те градови што треба да бидат домаќини на ЕП (11 јуни – 11 јули), а токму во „Вечниот град“ Европското ќе се отвори на 11 јуни со натпревар помеѓу Италија и Турција. На Олимпико ќе се одиграат и натпреварите Италија – Швајцарија (16 јуни), Италија – Велс (20 јуни) и еден четвртфинален натпревар.

Рим со тоа стана деветтиот град што им овозможи на некои навивачи да се вратат на трибините. Пред него, Амстердам, Баку, Букурешт, Будимпешта, Копенхаген, Глазгов, Лондон и Санкт Петербург го сторија истото, додека Билбао, Даблин и Минхен мора да дадат информации за своите планови до 19 април.

Слични содржини