Иван Лотески од Варош го извади Светиот крст од осветените води на Охридското Езеро

од Vladimir Zorba

Иван Лотески од охридската населба Варош беше најуспешен и меѓу неколкуте стотини верници го извади Чесниот крст што во осветените води на Охридското Езеро го фрли митрополитот Дебарско-кичевски, владиката Тимотеј.

-Ова ми е втор пат како го фаќам крстот. Немав големи очекувања, но ете стигнав до крстот и успеав да го фатам. Тоа ми носи голема радост, но и тага поради мојот прерано починат татко. Се надевам дека ме гледа од небото и се радува заедно со мене. Сите охриѓани да го прославиме празникот и на сите да ни донесе здравје, љубов и среќа, рече Лотески.

Традиционално манифестацијата по повод православниот празник Богојавление – Водици во Охрид ја следат илјадници верници и гости како од градот така и од околните градови, но и пошироко.

На најсреќниот меѓу верниците владиката Тимотеј го даруваше со златно ланче со крст, додека Општна Охрид му поради икона.

Самиот настан мина во беспрекорна организација, која заеднички координирано ја спроведоа Општина Охрид и Дебарско-кичевската епрхија.

Вршителот на должноста градоначалник Константин Георгиески на Лотески и на сите граѓани им посака здравје, среќа, да бидат толерантни еден кон друг.

-Ние како Локална самоуправа сторивме се што бешпе во наша надленост манифестацијата да биде организирана на високо ниво, и сметам дека таа традиција ќе се задржи и во иднина. Уште еднаш Бог се јави, бидете здрави сите, порача Георгиески.

Инаку, манифестацијата по повод Богојавленскиот водосвет во Охрид продолжува и утре на Денот на рибарите, поточно прославувањето на празникот Свети Јован Крстител што оваа година поради временските услови ќе се одржува на малиот плоштад кај поранешната Градска библиотека. И за годинешното одбележување на таа уникатна манифестација – традиционалното капење на рибарите со што своевремено се означуваше крајот на забраната за риболов за време на зимскиот мрест, професори и ученици од Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ ќе приготват неколку тони рибна чорба во голем казан, за која се обезбедени 500 килограми риба.

Празнувањето по повод верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во овој дел од православието, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и по бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст.

Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Toj важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити.

Слични содржини