Ивановска: Добиваме ветувања за нови простории, но се уште ги немаме

Во рамки на своето гостување во „Утрински брифинг“, претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска потенцираше дека Владата имала политичка волја во однос на законот со кој се уредуваат ингеренциите на Комисијата, но изрази и жалење дека Комисијата се уште нема свои простории, а во секое гледање со власта добиваат ветување за истото.

„Ние веќе почнавме да го градиме тоа чувство дека поддршката од власта е декларативна. Владата изрази силна политичка волја , го донесе законот за Комисијата и во тој закон беа утврдени јасно и прецизно надлежностите на Комисијата, меѓутоа и правата на Комисијата во смисла на тоа како таа ќе успева да ги обезбедува податоците итн. Ние за да си ја исполниме улогата треба да имаме одредени можности, не сме само за сликање“, посочи Ивановска.

Таа додаде и дека добиваат постојани ветувања за нови простории, но тоа тие се уште го немаат.

„Јас да ви кажам верував во приказната дека толку се парите особено со КОВИД кризата и навистина сметав дека дотука е силата и дека можеби и ние не треба да премногу притискаме да ни се купи простор по секоја цена. Всушност и за тоа отидовме на варијанта Б да се среди ова како може да се среди, меѓутоа да биде поевтино и од друга страна да се обезбеди неопходни услови за работа. Меѓутоа со последниве настани кога се избројаа 14 милиони евра не верувам веќе во таа приказна дека нема пари за ДКСК“, вели претседателката на ДКСК.

Меѓудругото, во таа насока, потенцира дека во зградата во којашто се наоѓа Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците и Финансовата полиција, требале да бидат стационирани поважни институции.

Слични содржини