Ивановски: „Отворен Балкан“ е класичен пример за она што треба да претставува политиката и што истата треба да креира за развој на бизнисот

од Vladimir Zorba

Делејќи го ставот со сите економски и политички чинители во земјава, дека проектот Овторен Балкан е економски корисна иницијатива од чија реализација ќе произлезат позитивни ефекти за сите национални економии, професор д-р Зоран Ивановски од Економскиот факултет при УТМС, во разговор со локално.мк објаснува дека иницијативата нема да значи само придобивка за транспортерите кои нема да чекаат на границите туку ќе влијае и на раст на стандардот на населението во трите земји.

„Со иницијативата, регионот би можел позначително да обезбеди исполнување на еден од најважните критериуми при финансирањето на проектите, а тоа е регионалниот аспект на дисеминација на бенефитите. Интегрираниот регион станува позначаен „играч“ на повеќе полиња, како што се туризмот, аграрот, енергетиката и др., со што се олеснува и зајакнува позицијата на стопанските субјекти”, вели Ивановски.

Тој е внимателен во однос на ризиците за дел од економските субјекти кои не се подготвени да работата во услови на зголемена конкуренција а кои како што вели, досега опстојувале благодарејќи на затвореноста на пазарите и поддршката од државата.

„Реално е да се очекува дека стопанските субјекти кои до сега „беа научени“ на „паразитски“ однос и опстојување засновано на фискални стимулуси во различни стопански сектори ќе почуствуваат последици од интеграцијата на економиите, а доколку не успеат да се прилагодат, дел од нив секако ќе се соочат со неизбежен крај на бизнисот, дециден е Ивановски.

Но имајќи во предвид дека трите земји имаат стратегии на развој и раст базирани на членството во ЕУ,  иницијативата „Отворен Балкан“, не е, ниту може да биде замена на она што претставува јасно детерминирана стратегија и политика на трите земји, а тоа е полноправното членство, заклучува Ивановски.

Професоре Ивановски, минатава недела во Скопје беше потпишан договорот за соработка Отворен Балкан помеѓу Албанија, Северна Македонија и Србија.Каков е вашиот став во однос на придобивките кои ваквата иницијатива би ги донела за нашата економија и регионот? Што таа ќе значи за стопанствениците и бизнисот вооптшо?

-Кога станува збор за иницијативи со кои се придонесува за олеснување на слободниот проток на стоки, луѓе и капитал, што во основа се основни предуслови за раст и развој на пазарните економии, како што впрочем е иницијативата „Open Balkan“, треба да се потенцира фактот дека се работи за економски корисна иницијатива, од чија практична реализација би произлегле позитивни ефекти за националните економиии кои ќе членуваат во иницијативата. Во основа, секоја економија е детерминирана од “длабочината на пазарот“, на кој економските оператори ги нудат своите стоки и услуги. Имајќи во предвид дека генерално трите земји членки на иницијативата, Србија, Албанија и Македонија  имаат релативно “плитки“ пазари, анализирани по повеќе економски и демографски параметри како БДП, БДП per capita, куповна моќ, број на население и др., со економското поврзување значително се придонесува за раст на пазарите, што на компаниите им нуди нови можности за раст и развој на бизнисите.

За илустрација на погоре споменатото, пред домашните компании сега позначително се отвора пазар кој ќе брои повеќе од 13 милиони луѓе и “тежи“ приближно 80 милијарди долари (колку што отприлика изнесува збирот на БДП на трите земји во 2020 година).  Оваа секако претставува импулс за поголемо производство и поширок асортиман на стоки и услуги, што позитивно ќе влијае на позабрзан раст на националните економии. Ваква констатација секако може да се примени и на пазарот на трудот, кој како резултат на интеграцијата и обезбедената мобилност нуди придобивки и за работниците, но секако и за компаниите, заради зголемување на понудата на работна сила, при што нема негативни импликации, заради фактот што веќе постои релативна изедначеност на нивоата на платите помеѓу овие три земји.

Слободниот проток на луѓе, преку обезбедена мобилност во делот на високото образование (студенти, професори, заеднички истражувања), признавањето (еквиваленцијата) на квалификациите и взаемно признаени работни дозволи ќе генерира сериозни позитивни импликации на пазарот на трудот, со што се очекува да се ублажи тенденцијата на населението за иселување од регионот.

Очекувањата се дека иницијативата нема да значи само придобивка за транспортерите, кои веќе нема да стојат на граничните премини, со што се заштедува и време и пари и што и само за себе генерира економски бенефити изразени во милиони евра, туку ќе значи многу повеќе од тоа и би требало релативно брзо да покаже резултати изразени како пораст на стандардот на населението во трите земји. ЕУ генерално подржува проширување, но дел од земјите членки се “изморени“ од земји кои немаат капацитет за економска одржливост и кои би значеле дополнителен фискален товар за зрелите економии членки на Унијата. Со иницијативата, регионот би можел позначително да обезбеди исполнување на еден од најважните критериуми при финансирањето на проектите, а тоа е регионалниот аспект на дисеминација на бенефитите. Интегрираниот регион станува позначаен “играч“ на повеќе полиња, како што се туризмот, аграрот, енергетиката и др., со што се олеснува и зајакнува позицијата на стопанските субјекти. Покрај стандардот, нема сомнение дека иницијативата ќе значи подобра подготвеност и координација на земјите во областа на справувањето со кризи, што, исто така, претставува основа за развој на економијата, затоа што, сите знаат дека нема инвестиции во услови на несигурност и негарантирана безбедност.

Дали покрај силните позитивни ефекти кои иницијативата се очекува да ги донесе за целиот регион, постојат и ризици на кои треба да се внимава?

-Интеграцијата не е само можност за компаниите, таа секако претставува и ризик за дел од економските субјекти кои сега ќе се соочат со нова конкуренција. Јасно е дека секогаш потрошувачите имаат бенефит од слободната и фер конкуренција, која генерира пониски цени и повисок квалитет на стоките и услугите. Од гледна точка на компаниите, тоа е мотив за пораст на продуктивноста, иновации, модернизација, нови технологии, know-how, со цел да опстанат во услови на зголемена конкуренција. Секако, интеграцијата ќе ги “погоди“ оние субјекти (правни и физички) кои не се подготвени да работат во услови на зголемена конкуренција, кои до сега опстојувале благодарејќи на “затвореноста“ и атомизацијата на пазарите, како и поддршката од страна на државата. Реално е да се очекува дека стопанските субјекти кои до сега “беа научени“ на “паразитски“ однос и опстојување засновано на фискални стимулуси во различни стопански сектори ќе почуствуваат последици од интеграцијата на економиите, а доколку не успеат да се прилагодат, дел од нив секако ќе се соочат со неизбежен крај на бизнисот. Во основа, иницијативата претставува класичен пример на она што треба да претставува политиката и што истата треба да креира за бизнисот, а тоа е да поврзува и да креира поволен амбиент за развој на бизнисот.

Дали бизнисмените ќе знаат и умеат да го искористат тоа што политичарите го договараат? Дали според вас оваа иницијатива може да биде замена за јасната стратегија за челнство во ЕУ?

-Не треба да има никакво сомневање дека бизнисот брзо ќе ги “препознае“ придобивките и можностите кои се отвораат со ваквата иницијатива и дека здравите, конкурентни бизниси најмногу ќе профитираат од истата. Нивниот раст непосредно ќе се преслика и на макро ниво, а конечно, како што претходно истакнавме ќе се почувствува и кај порастот на животниот стандард и перспективите за целокупното население на овие земји. Секако, ваквата интеграција нуди и поголеми можности за организираниот криминал и субјектите кои во ова гледаат дополнителна можност за даночна евазија, како и избегнување на други фискални давачки (царини, акцизи и др.). Оттука, паралелно со стимулирањето на бизнисите кои работат легално и регионалната интерграција треба да се јакнат регионалните капацитети за справување со криминалот и корупцијата.

Имајќи во предвид дека трите земји имаат стратегии на развој и раст базирани на членството во ЕУ, кое во основа, покрај другите, нуди економски бенефити од членувањето во заедничкиот пазар, како што се пазар на стоки и услуги со околу 450 милиони луѓе (бројот беше над 500 милиони пред “Брегзит“), пазар со речиси “неограничена длабина“ во износ од 15 илијади милијарди долари, можеме да истакнеме дека иницијативата “Отворен Балкан“, не е, ниту може да биде замена на она што претставува јасно детерминирана стратегија и политика на трите земји, односно, полноправното членство. Сепак, додека не бидат создадени услови за тоа, ова иницијатива треба да биде практичен доказ или кажано со воена терминологија “показна вежба“ дека земјите и регионот се “созреани“ за интеграција во ЕУ и дека политиката на земјите од регионот полека но сигурно го менува наративот и наместо поделби и антагонизми создава пријателства и интерграции. За жал, дел од земјите од регинот ова сеуште не успеваат да го препознаат и наместо членството во групата на глобални победници избираат да останат во групата на локални губитници. За среќа на граѓаните на нашата земја, Србија и Албанија, Владите на овие земји нудат нови визии и стратегии, што Балканот полека но сигурно ќе го приближи до посакуваните глобални интеграции. Не треба да постои страв дека иницијативата е замена за истите, тоа е само правилен и логичен чекор во тој правец.

К.В.С.

Слични содржини