Ивент индустријата продолжува со протестите: Пакетот мерки и еден милион евра за нас не се донесени

од Nikola Popovski

Од Асоцијацијата на Ивент индустријата ИВАП соопштуваат дека и денес продолжуваат со протестите пред Влада од 12 до 15 часот.

„Најмалку што очекувавме од Владата беа медиумски оркестрирани напади кон нас и извртување на фактите, наспроти простор и некоја минута за разговор и решенија. Ние не сме државен непријател, не сме неработници, туку индустрија и фирми даночни обврзници кои беа први затворени и најмалку поддржани. Точно е дека добивме помош со сите останати сектори, а тоа се 6 плати и некои компании земаа кредити. И тоа се сé! А не работиме веќе 14 месеци. Наместо да најдеме заедничко прифатливо решение, ни порачавте да ги тргнеме црните наочари. Дали треба да ги замениме со розови и останеме „таканаречена„ дејност?“, прашуваат од Асоцијацијата.

Според нив, иако владата го наметнува милионот како дефокус на нашите проблеми, пакетот мерки и еден милион евра (или два) за нашата индустрија, ниту е донесен, ниту e објавен.

„Условите никој не ги знае, кој се ќе има право да аплицира, кој ќе добие, критериуми, дали ќе има можност за сите На пример, ако има 2000 македонски музичари, дали ќе може секој да настапи или само дел од нив? Така и со нас компаниите, кои секоја влада во Европа ги поддржа и препозна како најважен сегмент за раздвижување на економијата, културата, туризмот и менталното здравје. Кога ќе го објавите конкурсот, ќе можеме да коментираме, сугерираме, секако и да аплицираме. Сé останато се само ПР алатки за купување на време, но никако помош за зачувување на нашите компании“, стои во објавата на Ивент индустријата.

Според Маја Бабиќ, претседателка на Асоцијација на компании од индустријата за организации на настани (ИВАП), ивент индустријата е најзагрозена од пандемијата.

„Според Централниот регистар, нашиот пад е околу 62%, што значи деца две третини од прометите што сме ги правеле во 2019 се намалени. Во целата 2020 година, па и 2021 – 14 месеци, освен шесте месеци помош за плата, немаме добиено никаква друга поддршка од државата. Затоа сметаме дека треба денес да излеземе, бидејќи не сакаат да не слушнат на разговори и да одговорат на нашите дописи“, рече вчера Бабиќ пред новинарите.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека Владата обезбедила средства за организација на поголем број настани од јавен интерес, за чија реализација би можело да бидат ангажирани компании од таканаречената „ивент“ индустрија со што би им се помогнало да го пребродат периодот кога се организираат помалку настани поради пандемијата. Овие компании, вели Битиќи, не се исклучени ниту од досегашните мерки за поддршка, ниту од петтиот пакет што треба наскоро да биде донесен. Исто така, ним им се достапни и средства од бескаматни кредити од Развојната банка, кои, како што рече, под одредени услови би можеле половина да станат грант.

Слични содржини