Избори во САД: „Победата на републиканците за македонската дијаспора би била пријатно изненадување“

од Nikola Popovski

Два дена по одржувањето на изборите за американскиот Конгрес се уште не се познати сите резултати. Сите очи сега се насочени кон Невада и Аризона, кои ќе одлучат кој ќе ја добие контролата врз Сенатот – демократите или републиканците. Изборите во Џорџија одат во вториот круг. Во прашање се 435 места во Претставничкиот дом и 35 од 100 во Сенатот.

-Во САД кампањата за изборите, претседателски или конгресни, е едно врвно политичко шоу во кое политичката и медиумска класа во Вашингтон играат главна улога. Избори се случуваат на секои две години. Во ова шоу еден по друг се редат истакнати пратставниците на двете партии и тоа во суштини никогаш не завршува, вели во анализа за „Локално“, новинарот Борис Камчев, дописник на МИА од Вашингтон.

Борис Камчев

Според него, по изборите вчера веќе започна кампањата за претседателските, со изјавата на Доналд Трамп дека идната недела има нешто многу важно да соопшти.

-Со оглед на слабите економски резултати на Администрацијата на Џо Бајден, очекувам победа на републиканците. Конгресните или среднорочните избори во САД се мерило за популарноста на работата и одлуките преземени од страна на актуелната, нова или стара администрација. Во случајот со актуелниот претседател Џо Бајден таа е нова, оформена по неговата победа на претседателските избори во 2020 година. Среднорочните избори се за преземање контрола на долниот или горен дом на Конгресот, Претставничкиот дом и Сенатот и за избор на гувернери на речиси сите држави на САД. На овие избори, познавачите на соостојбите очекуваат републиканците да добијат барем еден од двата, ако не и обата дома на Конгресот. Со ова се очекува закочување на реализацијата на прогресивната политика предложена уште од почетокот на оваа Белата куќа, како огромната инфраструктурна обнова вредна над три трилиони долари и имплементирање такви повеќегодишни напори како транзиција кон обновливи извори на еколошкии чиста енергија, намалување на зависноста од нафта со замена на автомобилскиот парк на САД со електрични коли, или на меѓународно поле, намалување на воената помош за Украина, потенцира Камчев.

Новинарот наведува дека социјалните мрежи и посебно Твитер (по преземањето од страна на екстравагатниот милијардер Илон Маск) зујат за изборите, главните новостните портали и ТВ канали пренесуваат како се гласало на избирачките места.

-На пример оние прогресивните, како Си-би-ес, веќе го истакнаа реизбороте на демократската гувернерка на Мичиген Гречен Витмер. Доналд Трамп помладиот пак објави победа на републиканците во Претставничкиот дом со твитот „крвопролевање“ за демократите. Иако не е се така еднозначно, и резултатите ќе бидат објавени најрано до крајот на неделава. Да, сметам дека републиканците ќе ги добијат изборите, на тоа се обложуваат и берзите, со тоа што се деновиве се забележува нивен нагорен тренд и ентузијазам кај инвеститорите, по падот на Волстрит годинава предизвикан од низа фактори како војната во Украина, енергетската криза, запрените логистички канали што предизвикаа криза во снабдувањето разни стоки и секако инфлацијата, информира Камчев.

Важно да се напомене, вели тој, е дека за разлика од претходните три изборни циклуси, кога руски групи и хакери се обидуваа по социјалните мрежи или со напади на изборната инфраструктура да го пореметат процесот на гласање или да предизвикаат раскол кај Американците, по успешната борба на американските безбедносни органи и на компаниите како Твитер и Фејсбук против лажните профили, онлајн тролингот со ширење омраза, екстремизам и раскол, овие избори поминаа многу помирно и без значајни инциденти.

На прашањето дали исходот од изборите ќе менува нешто за македонската заедница во САД, Камчев вели дека нашата дијаспора, традиционало, од 2004 година наваму, гласа за републиканците, а тоа се должи на тогашното признавање од страна на САД под претседателот Џорџ Буш помладиот, републиканец, на тогашното уставно име на нашата земја кое беше Република Македонија.

-Така што победата на републиканците за нив би било пријатно изненадување. Како и во претходните изборни циклуси, така и сега, сметам дека нашата дијаспора гласа за републиканците, надевајќи се на подобрување на економијата, избегнување на рецесијата и секако поддршка од Вашингтон и сојузниците во НАТО за побрзо зачленување на Северна Макоедона во ЕУ, посочува дописникот од Вашингтон.

Околу можноста ова да биде „враќање на голема врата“ на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и најава за нова кандидатура, Камчев оценува дека е рано да се каже за такво нешто.

-Тој можеби има некаква иднина во Републиканската партија или GOP (што му доаѓа од Grand Old Party, нејзиниот стариот назив). Но има барем двајца здрави противкандидати од оваа парија кои ќе се борат за номинацијата претседатекски кандидат, тоа се Рон Десантис, гувернер од Флорида и Тед Круз, сенатор од Тексас. Истакнати републиканци, како Лиз Чејни, ќерка на поранешниот потпретседател Дик Чејни, се негови жестоки критичари кои сметат дека повторната номинација на Трамп за избор во Белата куќе ќе биде погубно за партијата. Бидејќи тој може да го врати екстремизмот, онлајн и во реалноста, придонесува кон подем на белиот суперматизам, расизмот и меѓународната изолација на САД. Сетете само како Трамп кога седна во претседателската фотеља во 2017, најавуваше расформирање на НАТО, што беше музика во ушите на Владимир Путин, заклучува Камчев.

Фото: Jim Vondruska/Getty Images

Н.П.

Слични содржини