Изгласано пристапувањето кон измени на Уставот: Пратениците гласаа поединечно, Џафери нареди да се заклучат вратите

од desk2

Пратениците  гласаа поединечно на седницата за пристапување на измени на Уставот во согласност со Спогодбата од Преспа, а спикерот Талат Џафери нареди да се заклучат вратите за никој да не излезе.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ претходно станаа и сакаа да ја напуштат салата, но останаа да стојат покрај ѕидот.

На барање на Драган Данев, пратениците гласаа поединечно.

Пред тоа, пратениците ја усвоија одлуката за пристапување кон уставни измени, со 80 гласа „за“ по што почнаа да се читаат пратениците кои гласале.

По преброени поединечни гласови, Џафери констатира дека е потврдено претходното гласање и дека „за“ гласале 80 пареници, 39 „против“.

Генералниот секретар Цветанка Ивановска ги читаше еден по еден пратениците и нивното изјаснување „за“ или „против“.

Од опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ „за“ гласаа Владанка Авировиќ, Емилија Александрова, Сашо Василевски, Нора Исмаиловска Старова, Елизабета Канческа Милевска, Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов.

Владејачкото мнозинство неколку дена се обидуваше да постигне двотретинско мнозинство кое беше неопходно за да се пристапи кон измени на Уставот преку амандмани.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ до вчера беа категорично против предлогот за уставни измени. Пратеничката група во средата испрати писмо во кое се велеше дека се откажуваат од дебатата во Собранието, која ја нарекоа јалова, и потенцираа дека нема да гласаат за уставни измени.

Според Деловникот, следно е Владата да ги подготви уставните амандмани, кои треба да се гласаат во Комисијата за уставни прашања и Законодавно правната комисија. Потоа Собранието треба да отвори јавна дискусија, по што ќе се поднесуваат амандмани на уставните амандмани. По расправата и изјаснувањето за поднесените амандмани, Собранието треба уставните амандмани да ги изгласа со двотретинско мнозинство со што Уставот ќе биде конечно променет.

Оваа процедура се очекува да трае околу три месеци.

Слични содржини