Изгледите за катастрофи, деценија по деценија: 60 ​​степени, маските задолжителни, дел од Европа пустина

од Vladimir Zorba

Учесниците на Светскиот економски форум (СЕФ) предупредија на последиците кои не очекуваат доколку нема соодветна реакција на глобалното затоплување.

Во предупредувањето се наведува што ја чека планетата земја, како и целиот жив свет на неа, во следните неколку децении.

2030 година

Во таа деценија, се предвидува дека глечерите ќе продолжат да се топат, што ќе предизвика зголемување на нивото на морето за 20 сантиметри, според Програмата за истражување на глобалните промени на Обединетите нации.

Според податоците на Американската агенција за океани и атмосфера (NOAA), човечките активности и понатаму негативно ќе влијаат на коралните гребени, а веќе 60 отсто од нив се значително загрозени.

Светската банка, исто така, предупреди дека намалувањето на приносите на земјоделските култури ќе резултира со екстремна сиромаштија за уште 100 милиони луѓе, додека Светската здравствена организација (СЗО) истакнува дека здравствените проблеми предизвикани од климатските промени ќе доведат до годишна смрт на 250.000 луѓе.

2040 година

Глобалните температури би можеле да се искачат над 1,5 степени Целзиусови во текот на таа деценија, според Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени (IPCC). Централните податоци за климата покажуваат дека Бангладеш, Виетнам и Тајланд би можеле да бидат погодени одпоплави, кои ќе принудат голем број луѓе да мигрираат.

Исто така, според IPCC, осум проценти од глобалното население ќе се соочи со намалување на водата. На Арктикот може да се случи во текот на летото воопшто да нема мраз. Нивото на морето во Мексиканскиот залив би можело да се зголеми за 60 сантиметри во текот на 2040-тите, според Центарот за научно образование.

2050 година

Во текот на таа деценија, температурите од 60 степени Целзиусови би можеле да станат вообичаени за две милијарди луѓе. Доколку нема соодветен одговор на климатските промени, заштитните маски ќе мора да се носат секој ден поради загадувањето.

Ќе има 25 големи поплави годишно во северниот дел на САД. Понатаму, поради несигурност во набавката на храна и вода, 140 милиони луѓе би можеле да бидат раселени, предупреди Светска банка.

Почетокот на следниот век

Според IPCC, глобалните температури би можеле да се зголемат за повеќе од четири степени на почетокот на следниот век. Поради зголемувањето на нивото на морето, многу делови од светот би биле непрепознатливи. На пример, поголемиот дел од Флорида би исчезнал.

УНЕСКО претпоставува дека коралните гребени целосно ќе исчезнат, а инсектите ќе станат минато. Речиси 40 отсто од планетата би била погодена од суши.

Според американската Агенција за заштита на животната средина (ЕПА), секоја година во САД ќе се случуваат пожари кои ќе уништат простор еднаков на просторот на Масачусетс. Португалија и Шпанија би станале пустинска област.

Слични содржини