Излезе од печат стихозбирката „Небесна геометрија“

од desk2

Најновата стихозбирка „Небесна геометрија“ на македонскиот поет Андреј Ал-Асади, деновиве излезе од печат во издание на ПНВ Публикации.

Според рецензентот Ѓоко Здравевски, Андреј Ал-Асади несомнено е еден од најпрепознатливите гласови во младата македонска поезија.

– Небесна геометрија е негов трет поетски ракопис, што логично се надоврзува на претходната книга. Оваа книга изобилува со поетски слики кои ги напаѓаат читателските сетила, со свежи, неизлитени метафори, мислата патува во сфери од човековата свест до кои ретко се стигнува, таа комуницира со древни знаења. Ако му се пристапи херменевтички на овој ракопис, во него ќе се откријат референции кон источната филозофија, онаа далекуисточната, индиската, но и референции кон арапската култура, вели Здравески.

Андреј Ал-Асади е роден во 1996 година во Лондон. Дипломирал на Економскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Midnight Blues” и „Под дервишовото сиќе“.

За збирката раскази „Друго минато“ минатата година ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“. Тој учествувал на повеќе поетски читања меѓу кои и на Струшките вечери на поезијата.

Слични содржини