Изолираните бегаат, државата се мисли – потребен ли е полициски час

од Ивана Рамаданова

Новодијагностицираните пациенти со Корона вирус и зголемениот надзор на МВР кај лицата во изолација и самоизолација се повеќе го актуелизира прашањето дали властите и надлежните институции размислуваат за воведување на полициски час.

Според пратеничката Фросина Ременски, можеби е време да се размислува за ова ограничување, особено во подрачјата каде што има поголема група повратници од кризните жаришта, додавајќи дека овие бројки загрижуваат, со оглед на фактот дека, пикот (врвот) не е достигнат.

„Воведувањето на вонредна состојба како одговор на епидемијата на Ковид – 19 кај нас, покрај овластувањата што ги има Владата во сферата на ургентни мерки за санирање на економските и сите други можни последици и мерките за превенција и спречување на ширење на Корона вирусот, дава можност за ограничување на правото на движење на граѓаните попознат како „полициски час“. Полицискиот час како административна мерка за времено ограничување на движењето на граѓаните не подолго од осум часа, може да се воведе на одредено подрачје или на целата територија на државата“, вели Ременски.

Таа додава дека оваа мерка се воведува наменски и со ограничен период на важење, односно додека не заврши потребата за која се воведува.

„Најчесто оваа мерка го ограничува движењето на граѓаните во вечерните, ноќните часови, се однесува на сите возрасни категории, освен за лицата кои извршуваат службена задача во тој период. Овластувањата на полицијата во овој период на ограничено движење значително се потенцирани, заради ефикасност на мерката, но тие никако не смеат да преминат во насока на заплашување или друг вид на дејување што може да се смета за злоупотреба“, смета Ременски.

Според неа, во земји од регионот веќе е воведено ограничување на движењето на граѓаните и затоа Владата, врз основа на анализите и проекциите за динамиката, територијалниот опфат и бројот на позитивни случаи ќе мора да размислува и на ваква мерка, имајќи во предвид дека вирусот кај нас го нема достигнато врвот.

„Оваа мерка бара сериозна одговорност од страна на граѓаните и институциите од повеќе аспекти. Прво, заради намалување на можностите за прекршување на изречените мерки на изолација и самоизолација, заради попречување на собирањата на јавни места и попречување на социјалните контакти на граѓаните како најголем ризик за ширење на Корона вирусот. Но, оваа мерка исто така бара планско, рационално и ефикасно користење на човечките ресурси (службените лица) и материјалните ресурски кои треба да се употребат за спроведување на мерката. Затоа, проценките за можностите и очекуваните ефекти мора да бидат внимателно направени, пред да биде донесена одлука“, вели пратеничата.

Таа додава и дека научно е докажано дека, во земјите кои вовеле „полициски час“ како мерка за одговор на одредено барање (епидемија) имале двојна корист, меѓу која и намалување на стапката на криминалитет.

Националниот координатор за гранично интегрирано управување Владимир Пивоваров, смета дека полицискиот час е една од можностите и мерките кои со уредба со сила на закон во моментов може да ги воведе Владата на Република Северна Македонија.

„Оваа мерка точно е дека ги ограничува човековите права и слободи меѓутоа Владата согласно добиените информации од надлежните институции во ситуации кога не се почитуваат мерките кои ги промовира кризниот штаб најлогично е решението за воведување на полициски час кој значи ограничуванје на движење на сите лица кои се наоѓаат на територија на Република Северна Македонија освен за оние лица за кои постои неопходна потреба од извршување на неодложни работи и дејствиа“, вели Пивоваров.

Според него, тоа се регулира со издавање на посебни дозволи за конкретна намена.

„Впрочем имајќи ги во предвид искуствата на Европските земји кои веќе воведоа полициски час се покажа дека тоа е добро решение кога граѓаните не се придржуваат до предвидените мерки, а се со цел локализирање и неоставање на можност за пренесуванје на корона вирусот од инфицираните лица. Токму изјавите на владините претставници се насочени во оваа насока и она што е најважно е да не се политизира околу ова суштински важно прашање“, смета Пивоваров.

Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, вчера изјави дека воведувањето на полициски час ќе зависи од од тоа колку се почитуваат препораките од Владата.

Според последните информации од Министерството за здравство, до сега во државата бројката на дијагностицирани пациенти во земјата е 67 лица.

Вчера попладне и во текот на ноќта преку Институт за јавно здравје на коронавирус беа тестирани 71 лице.

Од нив 2 лица се позитивни на вирусот, едно лице од Скопје – контакт на веќе потврден и дијагностициран пациент од Скопје и едно од Охрид – дојдено од Бреша, Италија кое било во контакт со потврдени и заболени пациенти од коронавирус во Италија.

Најголем дел од тестирањата направени преку ИЈЗ се во рамките на раниот скрининг, кај лица со поширока индикација.

На клиниката „Жан Митрев“ се тестирани и позитивни на вирусот уште 17 пациенти, кои ќе бидат потврдени во текот на денот.

Ивана Рамаданова

 

Слични содржини