Израел до Зеленски: Ќе продолжиме да му помагаме на украинскиот народ колку што можеме

од Nikola Popovski

Синоќа израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид му се заблагодари на украинскиот претседател Володимир Зеленски за обраќањето до членовите на Кнесетот и најави континуирана помош за украинскиот народ, додека неколку пратеници го критикуваа Зеленски за споредбата на Холокаустот со руската инвазија.

„Ја повторувам мојата осуда за нападот врз Украина и му благодарам на претседателот Зеленски што ги сподели своите чувства и страдања на украинскиот народ со членовите на Кнесетот и владата“, рече Лапид во изјавата, ветувајќи дека Израелците „никогаш нема да им свртат грб на народот во неволја кои ги знаат ужасите на војната“ и дека „ќе помогнат колку што можат“.

Сепак, неколку израелски пратеници го критикуваа Зеленски за споредбата на Холокаустот и руската инвазија во видео врска.

Министерот за комуникации Јоаз Хендл на Твитер објави дека ги почитува претседателот на Украина и народот на таа земја „со срце и дело, но дека страшната историја на Холокаустот не може да се препише“.

Тој потсети дека на територијата на Украина е извршен дел од нацистичкиот геноцид врз Евреите и рече дека војната била страшна, но дека споредбата со ужасите на Холокаустот и конечното решение (на еврејското прашање) е претерана.

Медиумите на хебрејски јазик цитираа неименувани министри кои велат дека споредувањето на војната во Украина со Холокаустот е претерано.

Опозициски пратеник на партијата Ликуд, поранешниот министер Јувал Стајниц рече дека говорот на Зеленски се граничи со негирањето на Холокаустот.

Говорот беше критикуван и од пратениците од партијата на верскиот ционизам, но пратеникот Ели Авидар од партијата Израел Наш дом рече дека говорот е трогателен.

Слични содржини