Израел одобри продажба на шлемови и панцири на Украина

од Nikola Popovski

Израел ќе ја снабдува Украина со одбранбена опрема, како што се шлемови и панцири наменети за службите за вонредни состојби, објави денеска министерот за одбрана на таа земја Бени Ганц.

Ганц разговараше со неговиот украински колега Олексеј Резников, по неколку барања од Министерството за одбрана на Украина Израел да испорача таква опрема во Киев, кој се соочува со руската инвазија.

Кабинетот на Ганц соопшти дека „ја одобри продажбата на заштитна опрема што ќе биде испорачана на украинските спасувачки сили и на цивилните организации“.

Украинските власти долго време бараат оружје за противвоздушна одбрана, но Израел одби да го испорача за да не ја налути Русија.

Израел, исто така, ги отфрли барањата за испорака на шлемови и панцири и друга слична опрема, што го иритираше Киев. Наместо тоа, Израел испрати само хуманитарна помош.

Ганц сакаше да нагласи дека Израел стои на страната на граѓаните на Украина, се наведува во соопштението и се нагласува потребата од континуирана помош за таа земја.

Слични содржини