Израелски научник: Не може да се вакцинираме против коронавирусот на секои 4 месеци

од Vladimir Zorba

Шефот на израелската студија за ефикасноста на вакцината против Ковид посочува дека бројките покажуваат петкратно зголемување на антителата по примањето на четвртата доза, која таа ја смета за „добра, но недоволна“.

„Гледаме одредено зголемување на антителата, но тоа зголемување не е многу импресивно“, изјави професорката Гили Регев за израелскиот весник Ynet, повикувајќи се на прелиминарни резултати од студијата.

Набргу по примањето на четвртата доза од вакцината, нивото на антителата се вратило на истото ниво како што беше по третата доза, рече Регев, истакнувајќи дека очекувала повеќе од таканаречениот „втор бустер“.

„Целта не може да биде да се вакцинираме против коронавирусот на секои четири месеци“, рече Регев. Но, таа додаде дека и е драго што Израел веќе им дал четврта доза на ранливите групи како што се имунокомпромитирани и оние над 60 години.

„Но, навистина не сум сигурна дали е неопходно на сите да им се даде четврта доза сега. Ни требаат повеќе информации“.

Во исто време Регев ја нагласува огромната важност на првиот бустер.

„Оние кои ја примиле првата и втората доза треба итно да ја примат третата. Треба да „трчаат“ до центарот за вакцинација“, рече таа.

Во меѓувреме, во болницата Шиба во Израел започна уште едно тестирање на четвртата доза од вакцината. Овој пат беа околу 150 учесници кои ја примија четвртата доза од вакцината Modernа, по три дози од Pfizer’s.

„Можеби комбинација од вакцини би била подобра. Ќе видиме“, вели Регев. Тоа е прво тестирање на четвртата комбинирана вакцинација во светот“, вели тој.

Околу 61 отсто од 9,4 милиони во Израел се сметаат за целосно вакцинирани. Триесет отсто од населението воопшто не биле вакцинирани, а на девет отсто им е истечен рокот на вакцинацијата.

Околу 254.000 Израелци ја примиле четвртата доза од вакцината против коронавирус во првата недела откако вакцината била достапна, според Министерството за здравство.

Засега приоритет за четвртата доза имаат само лицата над 60 години, медицинскиот персонал и оние со слаб имунитет.

Поради ширењето на високо преносливата варијанта на коронавирусот, омикрон, земјата забележа невиден дневен пораст на нови инфекции.

Со оглед на зголемениот број на случаи на инфекција, а меѓу медицинските работници, Министерството за здравство размислува да им дозволи на лекарите и медицинските сестри да продолжат со својата работа дури и кога тестот покажува дека се позитивни на коронавирус, се додека не покажуваат симптоми, јавуваат медиумите.

Слични содржини