Израелски пратеник предложи закон со кој се забрануваат истраги против премиерот

од Vladimir Zorba

Израелскиот пратеник Дејвид Амсалем ја достави до парламентот (Кнесетот) својата верзија на таканаречениот „француски закон“, кој и забранува на полицијата да го истражува премиерот на функцијата обвинет за корупција.

Овој потег нашироко се смета за обид да се заштити израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кому му се суди по три точки од обвинение за корупција, наведуваат израелските медиуми.

Засега, пак, не е јасно дали законот ќе може да се применува ретроактивно доколку биде усвоен.

Предлог-законот претставен денес е сличен на оној на Амсалем што беше воведен пред неколку години за да му се забрани на јавниот обвинител да го истражува премиерот, освен ако обвиненијата се поврзани со сексуални, насилни, безбедносни прекршоци или наркотици.

„Премиерот на Израел е една од најкомплексните позиции. Тој мора да донесе судбоносни одлуки кои го засегаат целото население, вклучувајќи ги дипломатските, безбедносните, економските и социјалните. Како таков, тој мора да биде слободен целосно да се фокусира на тоа“, рече Амсалем од конзервативната партија „Ликуд“ на Нетанјаху.

На Нетанјаху му се суди за измама, нарушување на довербата и поткуп, а тој негира какво било неправилно дело и тврди дека обвиненијата биле измислени од полицијата и државното обвинителство.

Новата влада на Нетанјаху, најдесничарската во историјата на Израел, спроведува план за реформи во судството, а „францускиот закон“ е последниот чекор кон зајакнување на извршната власт и слабеење на Врховниот суд.

Реформскиот план предизвика масовни протести низ Израел, а минатата сабота учествуваа половина милион луѓе, десетти по ред, според организаторите.

Противниците на реформата предупредуваат дека ќе биде нарушен деликатниот систем на контрола и рамнотежа и дека моќта ќе биде концентрирана во рацете на владејачкото мнозинство во Кнесетот, јави АП.

Собраниската комисија денеска го одобри предлог-законот со кој само парламентот ќе го прогласи премиерот за неспособен да владее поради физички или психички причини.

Врз основа на постоечкиот закон, израелскиот лидер може да биде сменет под други услови.

Нетанјаху, кој се врати на власт на крајот на минатата година по петтите избори за помалку од четири години, денеска ги критикуваше медиумите кои ги нарече левичарски и пристрасни и ги обвини дека поттикнуваат гнев против реформите.

Во меѓувреме, опозициските лидери најавија дека ќе го бојкотираат конечното гласање за реформите во судството.

Слични содржини