Израелски ракетен напад врз Сирија

од Vladimir Zorba

Израелската војска во неделата соопшти дека истрелала свои проектили како одговор на ракетите истрелани врз нивната земја, погодувајќи неколку цели во Сирија.

Шест ракети беа истрелани кон Голанската висорамнина, која е под израелска окупација, од саботата вечерта, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ), што дополнително ги зголеми тензиите во регионот по почетокот на судирите.

Нападите се случија во два наврати, соопшти ИДФ. Во вториот, две ракети „влегле на израелска територија“, а една ракета била пресретната.

Претходно беа лансирани три ракети, од кои едната падна на јужната Голанска Висорамнина.

Нема информации за жртви, пренесува Хина, повикувајќи се на ДПА.

Како одговор, ИДФ соопшти дека ги погодила фрлачите во Сирија од кои биле истрелани ракетите, како и сириски воен комплекс, радарските системи и воените артилериски позиции.

Голанската висорамнина е стратешки важен карпест регион, долг околу 60 километри и широк 25 километри.

Израел ја освои таа област за време на Шестдневната војна во 1967 година, а ја анектираше во 1981 година.

Меѓународната заедница смета дека таа област е сириска територија окупирана од Израел.

Израелските воздухопловни сили редовно бомбардираат цели во соседна Сирија за да го спречат ширењето на иранското воено влијание во земјата разурната од војна.

Ракетните напади уследија по видливи тензии во регионот, откако во последните денови беа истрелани ракети врз Израел од Газа и Либан и Израел брзо започна контранапади.

Слични содржини