Извештаите како тој на Стејт департментот треба да се користат за подобрување на состојбите во општеството, порача Ковачевски

од Vladimir Zorba

Извештајот за човекови права на Стејт департментот е многу важен и корисен за нас и ваквите документи треба да се користат во насока на подобрување на сите состојби во општеството, истакна на денешната прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски коментирајќи го најновиот Извештајот на Стејт департментот.

– Колку што успеав да го разгледам, има повеќе пораки што може да се извлечат од него, а и дел од нив веќе сме ги адресирале. Таму децидно се потенцира напредокот во многу области, кои и ние треба да ги истакнеме, не заради пофалба, туку за охрабрување на сите фактори и актери во државата да продолжат со унапредување и со реформи во своите области. Вакви извештаи треба да се користат во насока на подобрување на сите состојби во општеството, особено во оние кои што ги анализираат, рече Ковачевски, кој заедно со министерот за економија Крешник Бектеши денеска ги соопштија најновите одлуки на Владата.

Во делот на слободата на изразување, Ковачевски потенцира дека со измените на Кривичниот законик, усвоени во февруари оваа година, нападот врз новинар се третира како напад врз службено лице.

– Тоа во минатото не беше. Значи во следниот извештај тоа веќе ќе биде нотирано како напредок на државата. Според измените на Кривичниот законик, за закани по живот кон медиумски работници, како и адвокати и здравствени работници, напаѓачите одговараат со парична казна или со затворска казна до 6 месеци. Доколку заканата предизвикува чувство на страв или несигурност, казната може да достигне и до една година затвор. Тоа досега не сме го имале во нашето законодавство. И тоа беше поздравено од сите опфатени стручни фели со овој закон, пред се од страна на новинарите. Во случај насилството да е сторено врз овие лица, тогаш затворската казна изнесува од три месеци до 3 години, нешто што исто така досега сме го немале. Законските измени предвидуваат и казни за јавно искажани закани за кривични дела на интернет, кои се поттикнати од каков било вид на дискриминација, нешто што до сега го немавме, а го имаме со новиот Кривичен законик, рече Ковачевски.

Како што истакна премиерот, довербата во судството е исто така поле на кое што треба да работи целото општество, а пред се правосудните органи. Тој посочи дека довербата на граѓаните кон судството ќе се врати со реализација на повеќе проекти, меѓу кои процесот на ветинг, што треба да се однесува на сите именувани и избрани функционери и којшто треба да се направи со поддршка на САД и со ЕУ.

– Во меѓувреме состојбите може да се превенираат и со носење на законски решенија, како што е закон за конфискација или закон за заплена на бесправно стекнат имот. Исто така, оваа состојба може да се промени и со задолжителна електронска распределба на предметите во судовите и во ЈО. Неопходно е да се интервенира и во делот на живеалиштето на осудените лица за да се избегнат какви било евентуални злоупотреби при издржувањето на затворска казна според местото на живеење, на што бевме сведоци во текот на изминатиот период. Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и сега имаат механизми за оценување на работата и на судиите и на обвинителите, бидејќи тие претставуваат независна судска и обвинителска власт, рече тој.

Во однос на ситуацијата во затворите, Ковачевски потенцира дека Управата за извршување на санкции со поддршка на Владата и на меѓународни партнери – ЕУ, Европската централна банка и други финансиери, работи да се надминат и елиминираат сите посочени забелешки.

– Се прават напори за подобрување на условите во КПУ „Идризово“ и во другите установи во државата, во кои што дел веќе се на многу повисоко ниво, посебно во поновите објекти, како и преку поголема примена на пробацијата, односно алтернативните мерки за санкционирање на казниви дела со оглед на тоа дека постои голем број на затвореници со оглед на капацитетот кој што го имаат, рече тој.

Во насока на надминување на состојбите со преполнетост во КПД „Идризово“ особено во затворениот дел на затворот, премиерот Ковачевски информира дека веќе е завршена процедурата за одобрение за градба од страна на Министерството за транспорт и врски, по што, како што рече, на почетокот на 2023 година односно практично на крајот на првиот квартал и почетокот на вториот квартал, се очекува да биде отворена и распишана постапката за јавна набавка за изградба на нови објекти во затворот.

Слични содржини