Извештај на Транспаренси: Недоволна координација и интерес кај државните институции за надминување на ризикот од корупција во просторното планирање, урбанизмот и градежништвото

од Vladimir Zorba

Во периодот од април до јуни 2022 година во рамки на проектот на Транспаренси Интернешнл Македонија: „Проценка на ранливоста од корупција во државните институции и локални власти за просторно планирање, урбанизам и градежништво” изготвен е втор квартален извештај за мониторинг на спроведување на препораките кои беа подготвени од Транспаренси Интернешнл Македонија за јавните институции за надминување на ризиците од корупција во овие области.

Истражувањето покажа дека интересот на институциите за исполнување на препораките е сѐ уште на ниско ниво, но дека постои зголемена активност на локалната и извршната власт со цел да се имплементираат препораките. Преку состаноци со претставници на локалната власт, ДКСК и Министерството за транспорт и врски беа констатирани почетни точки за надминување на ризиците од корупција во овие области:

* Воспоставување на комуникација и соработка помеѓу Министерството за транспорт и врски, ДКСК, Транспаренси Интернешнл – Македонија, Агенцијата за просторно планирање преку директни состаноци, назначување на лица за комуникација и одговорни за прибирање на информации;

* Вклучување на општините и обврска за следење на напредокот во исполнување на препораките, како и повеќе обуки за општините во однос на промените на законите;

* Извештаите активно да се користат во на антикоруциската проверка на легислативата (АПЛ) и редовно да се доставуваат до ресорните министерства и до Владата

Големите дискрециони овластувања на локалната власт, недостигот на добро формулирани законски одреби, судир на законските одредби како и различното толкување на законските норми  од  една страна, но и честото менување на законите од друга страна создава ризик од зголемување на  корупцијата. Во оваа насока потребна е зајакната соработка и координираност помеѓу Министерството за транспорт и врски, локалната власт, Заедницата на единиците на локалната самоуправа и Државната комисија за спречување на корупција за надминување на ризиците од корупција и усогласено изнаоѓање на решенија за спроведување на препораките.

Транспаренси Интернешнл Македонија останува отворена за поддршка и соработка со институциите во насока на надминување на ризиците од корупција во овие области, се вели во соопштението.

Целосниот извештај е достапен на следниот линк: https://bit.ly/3QuIm5h

Слични содржини