Извлечено првото тело на членовите на екипажот од авионот кој се урна во Грција

од Stefanija Kuzmanovska

Експертите за судска медицина на грчката противпожарна служба кои работат на местото на несреќата на товарниот авион Ан-12 извлекоа едно тело, изјави за новинарите во неделата попладне портпаролот на Противпожарната служба, Јанис Артопојос, како што пренесуваат грчките медиуми.

Да потсетиме, имало осум членови во екипажот на авионот што се урна синоќа околу 23 часот во Грција кај градот Кавала.

Телото е пронајдено цело, рече портпаролот, додавајќи дека експертите веруваат дека испаднало од трупот при првичниот удар, пред авионот да почне да се влече по земјата и да се распадне.

Пронајдено е уште едно тело, додека беспилотното летало кое прелетало над областа каде што се урна авионот лоцирало уште четири, но истражителите се уште не стигнале до сите. Се трага по уште две тела.

Денис Богданович, извршен директор на „Меридијан“, украинската карго авиокомпанија која е сопственик на авионот што се урна во Грција, за „Дојче веле“ изјави дека сите членови на екипажот се Украинци.

Форензичарите планирале да бидат готови до зајдисонце, но сега е јасно дека тие ќе треба повторно да се вратат наутро, наведе „Екатимерини“.

Дури откако ќе ја завршат својата работа и форензичарите и експертите за експлозиви, ќе пристигнат иследниците на цивилното воздухопловство, кои ќе се обидат, пред сè, да ја вратат црната кутија на авионот.

Слични содржини