Јакимовски ќе крати трошоци во Карпош, слаб бил приливот на средства во општинската каса

од Берта Китинска

Општина Карпош во 2022 година ќе има буџет во висина од 485.263.000 денари, што е најмал буџет во последните 15 години, а трошоци од 530 милиони денари, соопшти Градоначалникот Стевчо Јакимовски во вчерашното обраќање до граѓаните преку социјалната мрежа Фејсбук. Причината за тоа е слабиот прилив на средства во општинската каса.

– Буџетот законски се формира како просек од приходите во изминатите три години зголемен за 30%. Просекот на буџетски приход во изминатите три години бил многу низок: 390 милиони, 330 милиони и 340 милиони денари. Затоа во 2022 година ќе имаме историски најнизок буџет, објаснува Јакимовски.

Јакимовски најави дека новиот буџет нема да биде развоен, туку целта ќе биде да се стабилизира работењето на општината преку одблокирање на сметката и максимално намалување на непродуктивните трошоци за да се ослободат средства за проекти.

– Гледаме максимално да намалиме трошоци каде што може да се крати. Најмногу кратевме кај времените вработувања. Карпош има прекумерен број на вработени, некаде околу 380, или годишно 156 милиони денари, односно 2.5 милиони евра само за плати на редовно и времено вработените во општината. Кратено е и од репрезентации, набавка на возила (иако голем број возила имаат поминато над 250.000 км), се откажавме од се што можевме, за да дојдеме до една сума да можеме да функционираме, да имаме тековно одржување. За да има средства за субвенции за полагање на возачки испити, за лифтовите, за крововите, и за други потреби, рече Јакимовски.

Слични содржини