Јакимовски: Зошто Апасиев глуми лудило дека пратениците не требале да добиваат патни трошоци?

од Nikola Popovski

„Во исто време тој јавно постави дилема како можела партијата ГРОМ да добива од буџетот пари колку неговата Левица. Многу едноставно. ГРОМ во 2014-та година излезе на претседателски и на парламентарни избори. Како дебитант, партијата освои 34 илјади гласови и со толкав број на гласови добивме само еден пратеник. Вистинското прашање е, зошто Левица добива пари колку ГРОМ како партија која постои од вчера и глуми лудило дека пратениците не требале да добиваат патни трошоци“, се огласи претседателот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, откако лидерот на Левица, Димитар Апасиев праша како е можно Левица да добива исто пари од буџетот како и ГРОМ која настапила во предизборна коалиција.

На изјавите на Апасиев дека патните трошоци за пратениците треба да бидат на ниво на автобуски билет, Јакимовски вели дека едниот пратеник од нивната партија живее во Скопје (Апасиев) и не му следуваат трошоци, а вториот живее во Штип (Борислав Крмов) и нема положено возачки испит и затоа му покриваат само автобуски превоз.

„Затоа е подобро кога се јаде свој леб да не се берат туѓи гајлиња, оти не сме од муренка паднати и сите не паѓаме во несвест на глаголивите сарказми и вулгаризми“, нагласи Јакимовски.

Според него, кај наплатната рампа кај Куманово пратеникот треба да плати 60 ден, на втората кај Петровец 40 денари и за назад уште толку или вкупно само за патарина 200 денари.

„Според математиката на Апасиев, на пратениците треба да им се исплати 300 денари не земајќи го во предвид потрошеното гориво, зошто на 100 км ќе се потроши 7 до 8 литри. Значи околу 500 денари се потребни од Куманово до Скопје и назад и 200 денари за патарини, вкупно 700 денари. Според математиките на Апасиев пратеникот од Куманово треба да биде зијан 400 денари а возилото троши ли гуми, улје, дали се амортизира, се плаќа ли регистрација за него и сервиси. Значи исплатената сума од 1000 ден на Пратеник кој патува од Куманово е само покривање на направените трошоци“, стои во Фејсбук статусот на лидерот на ГРОМ.

 

Слични содржини