Јакшиќ: Неуспешен референдум ќе ја закова Македонија на европската периферија

од Vlatko K

 Со референдумот, Македонците не го купуваат своето членство во две моќни организации, како што сакаат националистите да ја претстават состојбата. Со референдумот тие доброволно ќе ја изгласаат својата иднина, која секако дека ќе биде подобра од животот закован во времето на Филип и Александар, вели во интервју за МИА угледниот српски надворешно-политички аналитичар Бошко Јакшчиќ.

– Сите оние кои го минираат, кои повикуваат на бојкот, собираат евтини националистички поени. И што доколку успеат, што доколку на овој начин се вратат на власт, со каква држава би управувале? Русија како осамена голема сила на сите начини работи да не дојде до договор со Грција, вели Јакшиќ.

Според него, интензивната дипломатска активност на лидери на ЕУ, НАТО и САД во Скопје изминативе недели со поддршка на договорот со Грција, е погрешна.

– Многу од оние кои се неопределени тоа го доживуваат како притисок, а на Балканот се знае како се одговара на притисок – со пркос. Македонците сами треба да сфатат, без преголема поддршка од страна, колку можат да добијат доколку на референдумот го изгласаат договорот. Треба само да се потсетат која цена Македонија ја плаќаше живеејќи со проблемот околу името кој траеше 27 години. Пропуштеното членство во НАТО кое беше договорено на самитот во Букурешт… Плебисцитот за името на државата го доживувам како тест за зрелоста на македонската демократија, истакнува Јакшиќ.

Бошко Јакшчиќ е еден од најдобрите српски надворешно политички новинари, кој во изминатите 40 години има известувано од речиси сите значајни светски настани и воени конфликти. Бил дописник на весникот Политика од Вашингтон, Каиро и од Рим. Еден е од тројцата раководители на Политика по демократските промени во Србија во 2000-та година и е долгогодишен уреднк на надворешно-политичката рубрика во овој престижен весник. Тој сега е коментатор и е чест гостин на Би-Би-Си, Радио Слободна Европа, Ал Џезира…. и на речиси сите српски медиуми, во кои на еден пластичен и нему својствен стил, ја објаснува суштината за одредена тема. МИА со Бошко Јакшиќ во Белград разговараше за престојниот референдум….

Г-не Јакшиќ, во Македонија на 30 септември ќе се одржи референдум, кој е поврзан со зачленувањето во НАТО и ЕУ, со промена на името согласно договорот со Грција?

– Скопје изминативе недели беше речиси неизбежна адреса на лидерите на ЕУ, НАТО и на функционерите на американската администрација. Сите тие ја нагласуваа поддршката на договорот со Грција. Лично мислам дека сето тоа беше погрешно. Многу од оние кои се неопределени тоа го доживуваат како притисок, а на Балканот се знае како се одговара на притисок-со пркос.

Македонците сами треба да сфатат, без преголема поддршка од страна, колку можат да добијат доколку на референдумот го изгласаат договорот. Треба само да се потсетат која цена Македонија ја плаќаше живеејќи со проблемот околу името кој траеше 27 години. Пропуштеното членство во НАТО кое беше договорено на самитот во Букурешт. Годините на стагнација на патот за членството во Европската Унија. Помалку инвестиции поради замрзнатиот конфликт и имиџ на земјата како невралгична точка. Помалку пари во џепот на обичниот граѓанин.

Многу работи ме потсетуваат на состојбата во која се наоѓа Србија во поглед на решавањето на косовското прашање. Иста националистичка реторика, која труби за губитокот на идентитетот, за продажба на земјата, за велепредавство, за чување на татковината во историските митови и во облаците обвиткани со темјан….

Со тоа што доколку би го изгласале референдумот, Македонците не го купуваат своето членство во две моќни организации, како што сакаат националистите да ја претстават состојбата. Со референдумот тие доброволно ќе ја изгласаат својата иднина, која секако дека ќе биде подобра од животот закован во времето на Филип и Александар.

Кој е Вашиот став во врска со повикот на бојкот на поголемиот дел од опозицијата, па и на одредени опрструкции на странски сили?

– Договорот не е партиски, туку тој е државно прашање. Сите оние кои го минираат, кои повикуваат на бојкот – собираат евтини националистички поени. И што доколку успеат? Што доколку на овој начин се вратат на власт? Со каква држава би управувале? Со Македонија која не е ниту северна, ни јужна, ниту источна, ни западна, туку со Македонија кој би била закована на европската периферија. Само за ова треба да се размислува пред некој со леснотија да го подари својот глас „не“ на популистите, кои незнаат што би со „да“.

Доколку внатрешниот отпор е ослободен од чуството за реалност за перспективата, тоа не важи за Русија која како осамена голема сила на сите начини работи да не дојде до договор со Грција. На Русија, како и во случајот со Косово, и одговараат замрзнати конфликти, кои кога им е потребно можат да ги активираат во својот судир со Западот. Москва милува да има „Тројански коњи“ на Западниот Балкан според моделот на Република Српска (БиХ). Со решавањето на сите овие проблеми, на Русија и се „укинува“ ваквата привилегија. Нејзиниот став е разбирлив и е прагматичен, но затоа со ова уште повеќе не може да се разбере колонијалното однесување на македонскиот „Фронт за одбивање на референдумот“, кој суштински работи против веќе прифатената геостратешка ориентација на Македонија, како и да се вика таа.

Кои се Вашите очекувања околу излезеноста на граѓаните и ефектите од референдумот за регионот и Србија?

– Јасно е дека во тек е пропагандна војна на припадниците на двата табора, според која излезеноста на референдумот е во зависнот од вештината на секој од овие табори аргументирано да ги одбранат своите ставови. Победата на која било страна нема да биде убедлива, што пред македонското општество го поставува предизвикот: да се научи да се живее во поделено општество. Поразот треба да се прифи цивилизирано и толерантно, а не веднаш да се повикува на демонстрации со тврдење дека референдумот е покраден. Затоа плебисцитот за името на државата го доживувам како тест за зрелоста на македонската демократија.

Токму во тоа е и значењето на референдумот за целиот регион составен од држави со недоизградена демократија, со слабо владеење на правото, нефункционални институции, висок степен на корупција и речиси непостоечка слобода на медиумите. Со прифаќање на референдумот и со излезот од волшебниот круг, Македонија би дала многу голем позитивен потстрек на Западниот Балкан, побргу да се интегрира со Западот-адресата која сите тие општества доброволно ја имаат одбрано. Ова нема да им се допадне на оние лидери во регионот кои сакаат популистички да се потпираат на национализмот. Србија, за жал, од ова не е ослободена.

Оливер Бранковиќ

###

 

Слични содржини