Јанакиески како обвинет беше во СЈО, Ременски како оштетена

од desk2

Неколкумина од 14-те осомничени во предметот „Талир“ на Специјалното јавно обвинителство денеска на распит од 11 часот.

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, попладнево околу 14 часот пристигна во Специјалното јавно обвинителство, каде требаше да даде исказ за случајот „Талир“ во кој и тој е еден од осомничените.
По излегувањето, тој рече дека бил повикан на распит, бидејќи ставил потпис на договор кој е предмет на истрага. Според него, СЈО покажало дека е испостава на СДСМ, а за да го докаже спротивното ова обвинителство требало да започне со работа на случаи кои се поврзани со лица од СДСМ.

Во меѓувреме од обвинителството излезе и пратеничката на СДСМ, Фросина Ташевска-Ременски. Таа изјави дека била повикана во својство на оштетена, чии телефони, три години биле незаконски прислушувани од Управата за безбедност и контраразузнавање.

Ременски рече дека, како штети што ги претрпела од овие активности се аферата „Афис“, нејзиното разрешување од позицијата продекан за настава од Факултетот за безбедност во Скопје и континуираниот политички мобинг што го трпела од претходната власт.

Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ, по излегувањето од обвинителството денеска изјавила дека е осомничена за организиран криминал, и дека ги побарала доказите на увид, па потоа да даде исказ. Од СЈО и одговориле дека дополнително доказите ќе и бидат предочени, како и дека и дале накратко појаснување за што ја гонат.

– Ми кажаа дека сум осомничена како организатор на група која пополнувала уплатници на донации на ВМРО-ДПМНЕ во 2010 година. Таа година јас не сум донирала ниту пак сум имала некоја функција туку бев само член на општинскиот комитет Центар, затоа не ми е јасно зошто ме гонат – рече Рангелова за медиумите.

Претходно Рангелова изјави дека не се чувствува виновна бидејќи ништо погрешно не направила.

Од просториите на обвинителството прв излезе поранешнот премиер од техничката влада, Емил Димитриев.

– Бев повикан во својство на осомничен и побарав увид во доказите, изјави Димитриев по излегувањето од СЈО, а рече дека по увидот ќе се произнесе за случајот.

Според информациите, неколкумина од првоосомничените, како лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и пратеникот Илија Димовски, не го добиле известувањето за распит. Упатените велат дека одложуваат и чекаат да помине рокот за доставување обвиненија на СЈО, кој истекува на 30-ти месецов.

„Талир“ е прва истрага со основано сомнение за перење пари и незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Според обвинителството, првоосомничениот, Груевски, ја злоупотребил својата службена положба со тоа што прифатил незаконски пари и формирал група која се занимава со перење пари, кои потоа ги уплаќале парите на сметка на партијата.

Слични содржини