Јанчев се откажа од протестот, но не и од намерата за лидерската позиција на ВМРО-ДПМНЕ

од Vladimir Zorba

Иако градоначланикот на Кавадарци, Митко Јанчев, го откажа најавениот протест против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со цел да издејстува негово повлекување од челната позиција во партијата, сепак неговата намера да го преземе кормилото во ВМРО-ДПМНЕ и натаму е актуелна, дури и позасилена. Особено сега откако лица блиски на Мицкоски се закануваат дека ќе организираат контра протест за да ги спречеле демонстрантите на Јанчев.

Сепак, тоа што Јанчев го откажа протестот ни малку не ја сокрива внатрешната поделба и постојани конфликти во редовите на опозициската партија. Веднаш по поразот на паралементарните избори во јули, видни членови на партијата јавно го повикаа Мицкоски да си поднесе оставка затоа што лидерот самиот изјавуваше дека ќе замине ако ВМРО-ДПМНЕ претрпи пораз.

Нивните апели за оставка не го примораа Мицкоски да се повлече, но затоа му ја разнишаа позицијата. Сега се чини Јанчев, го задава финалниот удар со најавите дека ќе го соочи лидерот со членството на партијата, кое се чини е револтирано од политиките на Мицкоски и неговиот неуспех да ја консолидира партијата и да и донесе изборна победа. Но, другиот дел од членството, кое важи за блиско до Мицкоски, е подготвено со „жив штит“ да го брани актуелниот лидер и седиштето на партијата.

Во последните јавни настапи Јанчев директно зборува за штетните политики на Мицкоски кои се однесуваат и на самата партија, но и на државата. Јанчев повика во иднина претседателот на партијата да го избираат членовите, а не само делегатите кои гравитираат околу лидерот и секогаш му го чуваат грбот. Ваквата идеја на Јанчев и исто како онаа на СДСМ, уште на пролет се очекува партијата на Зоран Заев својот лидер да го избере на непосредни избори преку гласови на членовите.

Јанчев открива дека моменталната поставеност во партијата и начинот на кој се избира лидерот го прави Мицкоски фаворит, односно единствен кандидат кој може да добие нов мандат. Тоа се должи пред се на фактот дека Мицкоски после поразот наместо да се повлече како што вети, тој направи кадровски смени за да си ја забетонира позицијата, односно да не може ниту еден партиски орган да му се спротивстави.

Како и да е, денешната ситуација со откажување на протестот потсетува на најмрачните времиња од владеењето на Никола Груевски, кога ВМРО-ДПМНЕ организираше контра протести на буквално секоја политичка или граѓанска реакција, а препознатливи беа и по стилот да контролираат ситуации преку медиумски хушкања и закани.

Дилемата е дали со ова Мицкоски уште еднаш покажува дека ништо не е различен од Груевски и дека е подготвен и на насилство само да ја спаси сопствената кожа?

Токму тоа се чини му пречи на Јанчев и новите, реформаторски сили во партијата кои сепак сакаат на мирен начин и според процедура да ја преземат партијата.

Слични содржини