Јанев: Нашата позиција во однос на С. Македонија е постојана и непроменлива

од Nikola Popovski

Нема промена во бугарската позиција во однос на С. Македонија. Нема ништо што јавноста не го знае. Нашата позиција е постојана и непроменлива, потенцирал бугарскиот технички премиер Стефан Јанев од бугарското Собрание, објави БГНЕС.

„Нашиот став е дека РС Македонија и земјите од Западен Балкан ја заслужуваат својата европска иднина. Бугарија намерно придонесе во текот на годините да им овозможи на овие земји да го направат својот пат кон европската иднина. Конкретно во однос на РСМ, потпишавме договор за добрососедство, што е јасен сигнал“, додаде тој.

На вчерашната седница на Советот на министри беше одлучено Бугарија да не го промени ставот за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

Од Советот појаснија дека „Бугарија ќе се придржува до Декларацијата на Националното собрание од 10 октомври 2019 година во врска со проширувањето на ЕУ и процесот за стабилизација и асоцијација на Република Северна Македонија и Република Албанија, како и на Рамковниот став за европската перспектива Република Северна Македонија и Албанија, усвоен од Советот на министри на 9 октомври 2019 година и поддржан со декларацијата на Националното собрание од 10 октомври 2019 година“.

Слични содржини