Јанева бара да не оди веднаш во затвор поради здравствени причини

од Nikola Popovski

Поранешната Специјална јавна обвинителка, Катица Јанева ќе бара да не оди в затвор веднаш, најверојатно поради здравствени причини.

„Здравствената состојба нејзина, значи не е добра во секој случај, но понатаму останува да видиме како ќе постапуваме, дали ќе бараме одлагање на издржувањето на казната“,  изјавила нејзината адвокатка, Ирена Фрчковска.

Таа најавила дека во меѓувреме ќе поднесат и вонреден правен лек до Врховниот суд, но ако не успеат тука ќе се жалат и во Стразбур пред меѓународниот суд за човекови права.

Боки 13 го чекаат девет години затвор, додека затворската казна за бившата специјална обвинителка Катица Јанева ќе биде седум години. Апелација ги потврди пресудите за случајот „Рекет“ и ги одби жалбите на двајцата обвинети, како и жалбата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое бараше и повисоки казни за Боки и Катица.

„Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ -91/20 познат во јавноста под името „Рекет“, донесе одлука со која жалбите на обвинетиот Бојан Јовановски од Скопје и обвинетата Катица Јанева од Скопје, ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди.“ – велат од Апелационен суд Скопје.

Во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски е обвинет за перење пари и примање награда за противзаконито влијание, додека пак Катица Јанева е обвинета за злоуптреба на службената положба.

Според обвинението, кога во 2018 година СЈО отворило истрага за предметот „Иперија“ каде осомничен беше бизнисменот Орце Камчев, биле барани пари од него за тој да добие подобар третман, како враќање на пасошот, укинување на притвор, но и склучување на спогодба. Обвинителството тврдеше дека од Камчев биле изрекетирани 1,5 милион евра.

Слични содржини