Јанева ќе добие адвокати по службена должност ако нејзините не се појават и во понеделник

од Aleksandar Todeski

Адвокатот Дељо Кадиев на инфективно, Ирена Фрчкоска со отворено боледување од 21 јануари, била на лекување во Ремедика. Адвокатите на екс Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева се разболеа пред сведочењето на обвинителката Лиле Стефанова, која во СЈО го водеше случајот „Империја“, а во кој обвинет е сведокот за „Рекет“, Орце Камчев. Судијката Васка Николовска-Масевска реагираше дека во случајот има човек кој се спроведува од притвор, па побара Јанева да се изјасни дали сака да ангажира друг застапник од адвокатската канцеларија или да добие адвокат по службена должност.

Фото: Борче Поповски

„Јас си имам бранители. Не сакам да се мешам, вие сте судија, вие одлучете“, рече второосомничената во „Рекет“, Катица Јанева.

Николовска-Масевска образложи дека ако во понеделник, за кога е презакажано рочиштето, не се појават нејзините бранители, таа ќе побара Јанева да добие адвокати по службена должност.

„Ова не може да оди до недоглед. Едно лице е во притвор, а со секое одложување се нарушуваат неговите права. Ако до понеделник не се појават бранителите, судот ќе одлучува како понатаму“, рече судијката.

Инаку, ова е второ рочиште кое се одложува, а на кое како сведок доаѓа обвинителката Стефанова. Таа претходно преку соопштение, но и пред камерите кажа дека не одлучувала за домашниот притвор, ниту за враќањето на пасошот на Камчев во „Империја“, туку дека тоа го сторила дирекно тогашната шефица на СЈО, Катица Јанева.

А.Т.

Слични содржини