Јанева: На никаков начин не сум вмешана во „Рекет“

од Vladimir Zorba

Најдоговорно тврдам дека на ниту еден начин, ниту свесно, ниту несвесно, ниту со сторување, ниту со несторување не сум ја злоупотребила должноста која во моментов се уште ја извршувам и јавно ги охрабрувам правосудните органи до крај да ги расчистат сите околности за случајот „Рекет“.

Ова денеска на прес-конференција во СЈО го изнесе обвинителката во оставка Катица Јанева.

– Точно е дека многу лица од јавниот и политичкиот живот се познаваме со Бојан Јовановски. Не сум криела дека мојот син работи во 1ТВ и дека на дневна основа комуницира со лицето, кое е осомничено, но тоа не значи дека некој стекнал право да ја користи мојата службена должност за да остварува привилегии и незаконити дејства, рече Јанева и додаде дека очекува транспарентна постапка за да се стави крај на сите информации, со кои како што рече, „некој се обидува да им нашетети на мојот углед и чест“.

Рече дека во подолг временски период до неа допираат гласови оти не само Бојан Јовановски туку и многу други без да знае, го злоупотребувале нејзиното име и презиме за различни цели.

Јанева вели дека била свесна дека со преземањето на оваа функција ќе биде цел на различни напади и политички препукувања.

– Од моментот на изборот за специјален јавен обвинител, мојата професионална биографија, приватниот живот и моето семејство беа цел на постојани напади со девалвирање и инволвирањето во дневнополитичките препукувања. Не сакам да оставам погрешен впечаток. Се нафатив на функцијата специјален обвинител во тешки околности, свесна дека ќе бидам цел на напади за моја лична дискредитација, рече Јанева.

Повикот да и се служи на државата, како што рече Јанева, и да предводи исклучително професионален тим што се занимава со висока корупција каде што се инволвирани највисоки државни функционери е сериозна чест и мнoгу голема одговорност. Таа и се извини на јавноста, што како што рече, што подолг период не излегла во јавноста иако не и било лесно да го следи јавниот линч.

– Решив дека нема со ниту еден мој потег да не создадам впечаток дека правам притисок или се мешам во истражните дејствија, рече таа.

Потсети дека веќе ја има депонирано оставката, што ќе стане активна тогаш кога политилките партии ќе се усогласт за новото законско решение.

Ја поднесов оставката, потенцира, оти не сакам да бидат користена за нечие алиби за европските интеграции, но потврдувам дека нема никаков начин да влијаам на конечниот исход на случајот рекет.

– СЈО е поголемо и позначајно од мојата сегашна функција, беше е и верувам дека ќе остане симбол на беспоштедна битка против високата корупција и криминал. Оставам во наследство десетина затворени истраги, подготвени за брзо процесирање. Тие предмети ќе и дадат одговор на јавноста зошто некој со сите сили се убедуваше да го спречи мојот реизбор и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози и кредбилитетот на СЈО, заклучи Јанева на прес-конференцијата во СЈО.

Слични содржини