Јаневска: Учебниците за странски јазици ќе бидат обезбедени за следната учебна година

од Илинка Илиоска
24 прегледи

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека Министерството ги обезбедило сите потребни учебници за учениците оваа учебна година, нагласувајќи дека нејзината заложба за образованието започнала со целосна посветеност по преземањето на функцијата. Таа информираше дека учебниците се доставени навремено и додаде дека „над еден милион примероци беа поставени на училишните клупи уште на првиот училишен ден.“

Јаневска истакна дека проблемите со учебниците за странски јазици ќе бидат решени, бидејќи постапката за набавка се планира за јануари, за да бидат достапни од следната учебна година. Во однос на инфраструктурни инвестиции, таа спомна дека се реализираат 36 капитални проекти за изградба и реконструкција на училишта, како и етапна реконструкција на студентските домови „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов.“

Министерката информираше и за други реформи: „Во 140 училишта е воведена едносменска настава, а наскоро таа ќе се прошири во уште 50 училишта.“ Таа додаде дека работи на нови наставни програми и дека ова е првпат по 20 години да се изработуваат нови програми за гимназиското образование.

Според Јаневска, во основните училишта се ангажирани над 1.000 образовни асистенти за првпат, додека, истовремено, Министерството подготвува измени во законската регулатива за основното и средното образование, како и за стручната обука.

„Пет закони се предмет на јавна дебата – за основно образование; за средно образование; за средно стручно образование и обука; за образование на возрасните; за Национална рамка на квалификации, а уште други 5, наскоро ќе треба да поминат низ филтерот на експертската јавност“, рече министерката, додавајќи дека ја поништила и одлуката за основање на Факултет за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга, кој не ги исполнувал условите за почеток со работа.

Таа истакна дека Министерството за образование затекнало буџет со дефицит од 5 милијарди денари, но дека со ребаланс се вратени средствата потребни за исплата на сите обврски, вклучувајќи задоцнети плати, стипендии, награди, и средства за меѓуградски превоз на учениците, како и поддршка за учество во меѓународни образовни програми како ПИСА и Фулбрајт.

Слични содржини