Јаневски: Корона кризата ги извади на површина слабостите во домашниот туризам

од Aleksandar Petrovski

Корона кризата ги извади на површина слабостите во домашниот туризам. Ако сакаме во викендите до крајот на годината да имаме туристи во домашните капацитети, ќе мора брзо да ги подобриме недоследностите: недоволно содржини, атракции, сместувања, услуга, управување со отпад и придржување до протоколите. Да се ослободиме од индивидуалниот интерес и да градиме заеднички пристап, бидејќи само на овој начин можеме да излеземе победници од оваа криза која се заканува да премине во економска, порачува во интервју за МИА директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски.

Јаневски смета дека падот во секторот е на очекувано ниво и во рамки на европскиот просек. Има, вели, простор за оптимизам дека зацртаната цел е возможна – достигнување два милиона ноќевања во 2020 година. Државната помош за секторот дојде навреме, а претстојниот четврти пакет мерки не треба да биде линеарен, туку треба да овозможи помош со тоа што ќе го земе предвид остварениот промет во изминатиот трет квартал.

Според него, во првата половина од 2020 година во македонската економија се влеале 100,7 милиони долари што е намалување од 34,7 проценти споредено со истиот период лани.

Туристичкиор сектор е еден од најпогодените од корона кризата. Владата веќе интервенираше, но се подготвува и нов пакет мерки. Ќе бидат ли туристичките работници опфатени и овој пат, дали досегашните мерки дадоа резултат? Што, според вас, е можеби најдобро да се преземе во овој момент? Кон што треба да се фокусираме за опстанок на туризмот?

Во март веќе беше јасно дека ќе биде потребна државна помош на туристичкиот сектор која, според мене, дојде на време преку три сета мерки кои примарно имаа цел да ги задржат сите работни места во туристичкиот сектор. Голем број соседни земји истите мерки ги пресликаа и применија во нивните економии како успешна практика која е применета кај нас. Оваа криза се покажа како уникатна по многу нешта и не може да понуди претходни искуства, па затоа стратегијата се водеше на оперативно ниво, мерејки ја успешноста при примената на мерките што значеше многу посветеност и енергија. Стратегиските чекори кои се преземаа од Агенцијата за туризам и нејзините анализи на туристичкиот сектор во земјата и регионот се покажаа доста прецизни и применливи, давајќи одлични резултати пред се во поглед на домашниот пазар и ефектите од домашниот туризам кој низ годините го стававме во втор план.

Околу 350.000 наши граѓани патуваа во изминатите години надвор од нашите граници на годишен одмор одливајќи финансиски сретства кои оваа година се потрудивме да останат дома. Туристичките места се исполнија со домашни туристи и веќе од втората половина на јули сместувачките капацитети беа пополнети максимално. Голем број на дестинации кога се наполнија со туристи ги покажаа нашите недостатоци и на површина излезе слабото управување со туристичките дестинации. Недостаток на содржини, атракции, сместувачки капацитети, услуга, управување со отпад, придржување до протоколите се само дел од точките кои треба во многу брзо време да ги подобриме ако сакаме во викендите до крајот на годината да имаме туристи во сместувачките капацитети. Бидејќи годинава претежно се потпираме на домашниот туризам, мерењата се во поглед на бројот на остварени ноќевања за кои очекуваме да имаат пад во 2020 година од 30 – 35 оттсо во поглед на минатата година, што би се сметало за успех доколку ги земеме предвид најавите за процентуалниот европски, па и светски пад на туризмот.

Четвртиот сет мерки во туризмот не треба да биде линеарен, туку треба да овозможи помош со тоа што ќе го земе предвид остварениот промет во изминатиот трет квартал, а тоа ќе се постигне со спроведување добра анализа за добиените и очекувани ефекти на краток рок.

Оваа криза на површина ги извади проблемите во туристичкиот сектор кои во многу наврати се занемаруваа. Затоа, периодот кој е пред нас ни нуди доволно време да се насочиме кон градење добра законска легислатива која ќе биде во линија со европската и ќе овозможи брзо приклучување кон ова семејство.

Тука би ја спомнал и кампањата ДОМА СИ Е ДОМА (#домасиедома) што ја креираше Агенцијата и со која почнавме да ги мотивираме и промовираме домашните туристички атракции и дестинации, фокусирајки се на единственото решение – поддршка на домашниот туризам. Кампањата која се промовираше на социјалните медиуми уште еднаш ја потврди потребата од дигитализација, кон која целиме како Агенција извесно време и сета работа ни е насочена токму кон тоа зашто само на тој начин ќе постигнеме подобрување на деловните операции и активности.

Слични содржини