Јаневски: Македонија се поприсутна на туристичката мапа на Европа, очекуваме зголемување на странските туристи за 50 до 70%

од Vladimir Zorba

Земјава нуди атрактивна туристичка понуда, од езерски до планински туризам, еко и рурални туристички аранжмани, а за сите љубители на активните форми на туризам има адреналински тури, параглајдеринг, кајакинг, искачување по карпи, нуркање, јавање на коњ. За сите гурмани и етно-гастро концептот како туристичка понуда има што да овозможи, за да се вкусат најдобрите вина и да се пробаат највкусните традиционални рецепти приготвени секогаш од свежи продукти, вели во интервју за „Локално“, Љупчо Јаневски директор на Агенција за туризам.

Неговите очекувања за наредната година се во Скопје да има развиен конгресен туризам, повеќе бизнис патувања и манифестаации.

Во однос на дефицитарниот кадар во хотелиерскиот и угостителскиот сектор во туристичките места, првиот човек на Агенцијата за туризам вели дека работниците не треба да ги привлекуваме туку „ако создадеме иднина за државата, тогаш ќе создадеме иднина и за секој сектор во економијата“.

Според Светската туристичка организација, ние сме петти во светот според раст на туристи. На што се должи овој раст и што е она што најмногу ги привлекува туристите да бидат гости во нашата држава?

-Тоа што Светската туристичка организација го виде и го измери во Македонија во 2021 година е работата на сите во туристичкиот сектор, на сите луѓе кои што веруваа во визијата дека ние можеме брзо да се вратиме и за сето она што го направивме со координативното тело. Во истото беа сите преставници на туристичкиот сектор и мерките ги дадоа своите резултати. Годините 2020 и 2021 ги одбележаа две дијаметрално различни кампањи, едната си е “дома си е дома” а втората е “безбедно како дома” и истите ги дадоа своите позитивни ефекти. Да напоменеме дека се обидовме да ја амортизираме ковид кризата во 2020 година, која во многу нешта беше непозната, креиравме во непознато, работевме во непознато, креиравме на месец, планиравме тримесечно.

Успеавме во 2020 /21 да креираме нешто што се вика зелени зони каде што почнавме да ги гледаме дестинациите како регион, всуштост Балканот падна најмалку во туристичката индустрија за разлика од Европа. Тоа се должи на неколку работи, на одржливоста на дестинацијата, на непрактикување на масивните форми на туризам, но и јаките страни кои што почнавме да ги бараме во руралниот, еко туризмот и авантуристичките форми на туризам. Ако погледнеме на микро ниво во 2020 и 2021 година дестинациите не доживеаа пад таму каде се практикуваа алтернативните форми на туризам. Пад имаше Скопје како бизнис центар и сеуште неговото закрепнување е најспоро.

Какви се очекувањата за летната туристичка сезона. Колкава е пополнетоста на сместувачките капацитети, ќе има ли странски туристи и од каде?

-Нема да се прашуваме дали ќе има, странските туристи се тука, треба да прашаме од колку нови дестинации ќе ни дојдат. Во 2021 година неколку туроператори летаа со чартер летови, а не знаевме дали ќе бидеме во црвена, жолта или зелена зона. Тогаш во 2022 година можеме да кажеме дека ќе имаме поголем број туроператори кои ќе ја сервисираат дестинацијата и друг изненадувачки интерес од одредени дестинации за Охрид и Скопје. Се повеќе и повеќе сме присутни на туристичката мапа на Европа и ако ги гледаме генерално стратешките планирања на АППТ за 2022г очекуваме нешто повеќе од 2.5 милиони ноќевања и зголемување на странските туристи за 50, 60 70%. Но, тоа зависи од нашата работа, тоа зависи од колку ние ќе бидеме сконцентрирани и што е она што ќе го понудиме на туристите за подолго да останат во нашите дестинации.

Туристичката сезона започна после велигденските празници. Очекувам како што е и природно сместувачките капацитети како доаѓа пикот на сезоната да бидат испополнети. Најавени се повеќе од 70 чартер летови од Полска, Израел, Турција, Холандија но и кружни патувања од Бразил, Германија, Австрија, Полска и останати регионални земји. Тоа е она што ќе ја одликува 2022 година, различно портфолио на туристи, а од 15 јуни до крајот на август да се бара место повеќе во Охрид и се повеќе кружни патувања кои ќе го опфаќаат главниот град. Очекувањата се 2023 година во Скопје да има развиен конгресен туризам, повеќе бизнис патувања и манифестаации со кој главниот град ќе биде конкурентен како туристичка дестинација во регионални рамки.

Имате ли стратегија како ќе се развива туризмот оваа година. Дали ќе продолжите со туристичка промоција на државата и со привлекување на странски туристи?

-Туристичка промоција на РС Македонија во регионални медиуми Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот изработува стратегиско планирање за секоја година. Нашите циклуси се на годишни и три годишни пероди и истите треба да ја следат стратегијата која што сега за сега заврши, но добро во лошото е што секоја стратегија во светски рамки не дава резултати ако таа не биде ревидирана. Бидејќи ние го живееме новото во туристичкиот сектор и во нашите животи, моментално има различни целни групи, луѓето имаат различни мотиви, различни туристи кои што не посетуваат, активни номади и мали групи. Потребни се атракции кои ќе бидат многу поинтересни и да создаваме по потребите на самите туристи, на таков начин ќе овозможиме дополнителни можности за младите и за локалниот економски развој, затоа што се повеќе има намалување на туристите во двата туристички региона. Во последната референтна година 2019, 65% од туристите беа во два региона, но таа бројка во 2022та ќе биде помала, но ќе овозможи доволен мотив на луѓето од локалната власт но и од руралните средини дека може да се работи и да се живее од туризмот.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот согласно програмските активности за 2022г започна со прв дел медиумска кампања. Туристичката промоција на земјава се реализира во земјите од регионот Србија, Бугарија, Албанија, Косово, Турција, како и Полска поради зголемениот интерес на полски туристи за дестинацијата. Ова се традиционални пазари кои континуирано се во првите 10 земји по број на туристи и остварени ноќевања. Медиумската кампања се реализира со цел задржување и зголемување на бројот на странските патувачи, за да се побуди нивниот интерес да ја одберат земјава како безбедна дестинација во која ќе го поминат нивниот годишен одмор. Земјава нуди атрактивна туристичка понуда, од езерски до планински туризам, еко и рурални туристички аранжмани, а за сите љубители на активните форми на туризам има адреналински тури, параглајдеринг, кајакинг, искачување по карпи, нуркање, јавање на коњ. За сите гурмани и ено-гастро концептот како туристичка понуда има што да овозможи, за да се вкусат најдобрите вина и да се пробаат највкусните традиционални рецепти приготвени секогаш од свежи продукти. Најавуваме од септември да се реализира и вториот дел на промоцијата, како медиумска, така и преку учество на интернационални саеми за туризам, додека пак релизацијата на информативни патувања за странски новинари и инфлуенсери се одвива тековно преку цела година.

Голем дел од хотелиерскиот и угостителскиот сектор во туристичките места велат дека тешко можат да најдат работници.Според вас на кој начин може да се привлечат работници во овие дејаности и која е причината за дефицит на овој кадар?

-Работниците не треба да ги привлекуваме, ако создадеме иднина за државата тогаш ќе создадеме иднина и за секој сектор во економијата. Ние треба да вложуваме континуирано во тристичкиот сектор, во средните стручни училишта и факултетите за гастрономија, туризам и угостителство и индиректно да ја подигнеме потребата од стручен кадар на многу високо ниво. Тоа што сме го изгубиле изминатите 10 години и не сме планирале, не треба да дозволиме да не ни се случува и во наредните, и не треба моментално да го решиме проблемот туку треба да создадеме генерации на кои што ќе се темели туристичкиот сектор во наредните десет, дваесет и триесет години. Тоа треба да бидат новите менаџери, мастер шефови, нови луѓе кои што ќе водат ресторани, луѓе кои ќе донесат европски и свести практики.

И, зошто тогаш да не говориме дека ние треба да го подигниме нивото на хотелите и рестораните, треба да вложуваме во контунуитет и треба да имаме се повеќе задоволни туристи и цената нема да биде на прво место, туку што добиваат за истата. Веднаш треба да отпочне соработката помеќу стручните училишта, факултетите, универзитетите и бизнис секторот, да вложуваат во опремување на кабинети, реална пракса и плаќање на истата, вложување и скаутирање на овие ученици и студенти кои што ги имаме. Да, имаме од каде да почнеме, а каде ќе завршиме моите очекувања се до 2025 повеќе од 4 милиони ноќевања и пола милјарда девизен прилив од туризам.

Покрај Охрид, кои други локации се дел од главана понуда? Имаме ли потенцијал за развој на алтернативните дестинации?

-Дали има, има. Дали треба да развиваме, треба. Дали знаеме, ќе научиме. Дали треба да вложиме, секако. Но тоа е нешто на кое што треба подолгорочно да размислуваме, потребна е долгорочна стратегија во туризмот во која ќе бидат интегрирани повеќе нејзини фази и во истата ќе треба да се посочи кој, што, каде, како треба да се работи. Туризмот како област и неговото делување продира во 23 економски гранки, всушност директвно или индиректно секое петто до седмо вработување во македонската економија е во туристичкиот и угостителски сектор. Ако гледаме сеопфатно 52- 55% проценти од вкупната услуга во нашата земја се создава во туристичко угостителскит сектор, тоа значи дека сме доволно јаки за во 2022г да се намтнеме уште повеќе, за да разбере секој оној што не го гледа туризмот како една од јаките страни на македонската економија. Време е повлечените потези во македонскиот туритички сектор да дадат резултати и да ја постигнат целта од 2,6 милиони ноќевања во 2022 година.

Б.М.

Слични содржини