Јаневски: Се надеваме на успешна сезона од која очекуваме закрепнување на туристичкиот сектор

од Vladimir Zorba

На денешната прес конференција директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски ги презентираше резултатите и ефектите од туризмот за 2021г, како и целите и очекувањата на туристичкиот сектор за 2022г.

Минатата годината ја завршивме со одлични бројки, во периодот јануари – декември 2021 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 50.3 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 16.9 %, а кај странските зголемувањето е за 148,7 %. Во периодот јануари –декември 2022 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 36.3 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување на ноќевањата за 13.7 %, а кај странските зголемувањето е за 165.1 %. Топ пет туристи кои ја посетиле РС Македонија во 2021г се од Србија, Турција, Полска, Албанија и Косово, истите се и најбрзорастечки пазари за изминатиот период. Процентуалното зголемување на бројот на странски туристи, доаѓа како резултат на заедничките активности со туристичкиот сектор во изминатиов период.

Годината ја започнавме со позитивни резултати, во периодот јануари – февруари 2022 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 34.7 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 13.3 %, а кај странските зголемувањето е за 66.2 %. Во периодот јануари – февруари 2022 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 30.9 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 14.6 %, а кај странските зголемувањето е за 54.1 %.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на РС Македонија водејќи се од заложбите и програмските активности насочени кон сеопфатна промоција на туристичките капацитети и можности, а кои ќе донесат бенефит во секој туристички регион во нашата земја и оваа 2022 година продолжува со промотивни активности, вклучително медиумска кампања, информативни патувања за блогер, инфлуенсери и новинари, печатење на промотивни брошури во нов подобрен формат и останати програмски активности.

Туристичкиот потенцијал на нашата држава на почетокот на годината беше презентиран на саемите за туризам во Истанбул и во Белград, каде што освен претставници на АППТ беа присутни и претставници од четири општини, две туристички комори СКТМ и ТУК, ХОТАМ. Исто така беа организирани две македонски вечери – охридска и дојранска. Планирани саеми за 2022г каде што има интерес туристичкиот сектор се Лондон, Римини и Полска.

Одлични резултати за македонскиот туризам, според најновите статистики на Светската туристичка организација (UNWTO), РС Македонија за 2021 година забележала раст на меѓународни туристички пристигнувања од 139%. Со ова земјава е на петто место во светот како дестинација со најголем раст на странски туристи, меѓу кои и Црна Гора, Кипар, Малдивите и Босна и Херцеговина.

Очекувањата и оваа година се оптимистички, заздравувањето на секторот туризам се одвива полека но сигурно, со фокус и акцент на одржливите форми на туризам. Потребата од воспоставувањето на новата авиолинија Белград – Охрид е потребна со оглед на зголемениот интерес на српските туристи за посета на Охрид и регионот. Најавата на Wizz Air за авиоконекција со неколку дестинации од Јадранскиот регион и авиолинијата Марибор-Скопје, значи повторно поврзување со Словенија и хрватското крајбрежје. Во духот на „Отворен Балкан“ и неговите можности очекуваме многу брзо брендиран авион со „Отворен Балкан“ кој ќе сервисира повеќе линии во регионот.

И годинава фокусот на АППТ ќе биде насочен на регионалните гости и традиционалните пазари од кои се очекуваат уште повеќе туристи. Освен регионалните туристи, кои во 2019 година изнесуваа 55 отсто од вкупниот број на странски туристи, годинава фокусот е ставен на Холандија, Полска, Турција, Англија од каде што има веќе најавено и потврдено поголем број на чартер летови или закуп на редовни линии со број на седишта. Најавена е авионска линија Измир- Скопје, потврдени се чартери од Полска, Турција, Холандија и комбинирани тури од Србија, Бугарија, Словенија, Израел и Германија. Се очекуваат поголем број туристи и од Турција, Србија, Полска, Албанија, Бугарија и Косово како резултат на промоцијата на македонските потенцијали во овие земји.

„Потребата од човечки ресурси за развој на туризмот и угостителството е веќе реалност, туристичкиот сектор заедно со факултетите треба да продуцираат квалитетни кадри за опслужување на секторот. Се надеваме на успешна сезона од која очекуваме закрепнување на туристичкиот сектор и зголемување на бројот на странски туристи на локално и државно ниво за 20% до 30%. Целта е 2,5 милиони ноќевања и надминување на девизниот прилив од туризам над 400 милиони долари”- изјави директорот на АППТ, д-р Љупчо Јаневски.

Слични содржини