Јанкуловска сведочи во „Монструм“: Во никој случај не се правени политички калкулации

од Vladimir Zorba

Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за случајот „Монструм” каде што треба да сведочат Синиша Алексовски, Љупчо Тодоровски-Радникот и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Откако двајцата сведоци Алексовски и Тодоровски беа отстранети од салата, прва како сведок ќе сведочи екс министерката.

Според Јанкуловска вечерта кога се случил настанот, била известена од дежурниот центар за состојба преку СМС порака.

„Речиси истовремено Ивица Антевски ми ја даде истата информација, потврдувајќи дека информацијата е добиена од ДОЦ и терен“, изјави Јанкуловска.

„На почетокот имаше шпекулации кој би можел да биде сторителот на тоа дело, но далеку од тоа дека имавме било какви информации кој би можело да биде вистинскиот сторител. Она со што најмногу се соочувавме беше тоа што не можевме да ја најдеме почетната точка“, истакна Јанкуловска.

Во продолжение обвинителката Фатиме Фетаи побара Јанкуловска да објасни за каков тип на анализа станува збор, мислејќи на разговорот помеѓу Јанкуловска и екс шефот на УБК, Сашо Мијалков во кој Мијалков и вели на Јанкуловска дека спремил посебна анализа за случајот „Монструм“.

Јанкуловска изјави дека конкретно не може да се сети за тој разговор, бидејќи со Сашо Мијалков биле многу често во комуникација.

Ова е разговор направен во јануари 2013 година, потенцираше Фетаи, на што Јанкуловска истакна дека не може да се сети дали имало или немало ваква презентација и дали присуствувала на истата.

Дали се сеќавате дека сте присуствувале на презентација во присуство на меѓународната заедница, праша обвинителката, на што Јанкуловска одговори: За презентации во нивно присуство можам да кажам дека ги имало и лично јас сум ги водела тие состаноци, но како официјална презентација од УБК не се сеќавам дека сум присуствувала.

– Има разговор од 3 март помеѓу вас и косовскиот министер за внатрешни работи со кој разговарате дека се фатени двајца на кои им се утврдува идентитетот, вели Фетаи.

– Јас неколку пати имав контакт со Косовскиот министер, со кој разговаравме на темата „Монструм“ и за лицата кои не беа достапни за Македонија, посочува таа.

Во еден разговор, продолжува обвинителката, меѓу вас и Блерим Беџети, поранешниот министер за правда се стекнува впечаток дека има калулации со екстрадицијата и одржувањето на рочиштата.

Овој разговор, според Фетаи, се случил пред избори.

– Вие прочитавте дел од комуникација, но на оваа тема имало многу разговори со цел овој случај да се заврши на најдобар и најмирен начин. Одговорно тврдам, дека без, разлика каков впечаток се добива од еден сегмент од некоја комуникација, одговорно тврдам дека фактите се поинакви, изјави во сведочењето.

И.Р.

Слични содржини