Јанкуловски: Мора да се најде начин како да се допре до повеќето граѓани за да ја увидат сериозноста на ситуацијата

од Vladimir Zorba

Апел до телевизиите (ова би можело и на радио да оди)

Вестите на тема Ковид-19 во вестите се сведуваат на 2-3 минутен извештај за толку заболени, толку починати, по градови и натаму следат 22 минути „СДСМ го повика ВМРО„ па „ВМРО му врати на СДСМ“ па „СДСМ му врати на враќањето на ВМРО“ па „ВМРО му врати на СДСМ за враќањето на ВМРО на првото на СДСМ“ па драстично менување на темата во „портпаролот на ВМРО го повика Заев“ и „портпаролот на СДСМ го повика Мицковски“.

Зошто цело ова време (пази, година и кусур е веќе) не оди ниеднаш во горниот дел од екранот нешто од овој тип:

„Луѓе, сериозно разберете ја ситуацијата, бидете внимателни и прептпазливи, се работи и за вашите животи но и за животите на вашите најблиски, особено постарите. Бидете посовесни за што побрзо да излеземе од ова лудило живи и здрави.

Почитувајте мерки, носете маски, држете дистанца.

Да, не е нормално ова ново „нормално“.

Да, ич не е пријатно да се носи маска, смета.

Да, трае предолго.

Да, смачено ни е на сите.

Да, мора да се потрудиме да заврши побрзо.

Да, затоа што не смееме да дозволиме вака да ги губиме нашите сограѓани.

Независно од каде и каков е вирусов или што и да е, ги покосува оние со хронични заболувања, оние со слаб имунитет па и оние кај кои и не знаеме зошто така им прави. Ова директно од терен ви го кажувам, најжални се старите, ги гледам немоќни, но и исплашени. Навлеговме убаво во втора ковидска година и дајте да не дозволиме и натаму да броиме месеци со ковид биланс. Дајте заедно да се избориме да не` има сите на број.“

И ова ем пишано, ем да го чита некој ама не како Спиди Гонзалес што чита за препорачано од таа и таа медицинска установа и слично. Нека е често, не само пред Гледајте во вестите. Нека оди на пола саат, па на 15 минути. Па дури може и насред сериине да го пуштате.

И за ова не треба да биде од Влада, од некое Министерство и слично. Секој од вас може ова да го напише, не само што нема да згреши туку верувам дека ќе има огромно влијание.

Мора да се најде начин како да се допре ако не до сите барем до повеќето граѓани и да ја увидат сериозноста на ситуацијата. И она главното зошто би било сето тоа – да реагираат правовремено за да не трчаат со некој свој по болнициве.

Да, помина доста време.

Да, требаше ова одамна.

Да, никогаш не е доцна.

ФБ статус на Денис Јанкуловски

Слични содржини