Јанкуловски: За да се подобри квалитетот на високото образование, потребно е државата да вложи максимални напори за финансиски да ги поткрепи образовните институции

од desk4

Можам да кажам дека сум навистина задоволен од достигнувањата на УКИМ во текот на целиот мој мандат, иако сум свесен дека има уште многу да се работи, вели ректорот Проф. д-р Никола Јанкуловски, кој седум години го предводеше најголемито македонски универзитет. На 30 мај се избира нов ректор.

„Образованието е една од најважните продуктивни сили за просперитетот на една држава, вложувањето во неговиот развој е клучен фактор за подобрување на неговиот квалитет. За да се одржи и подобри квалитетот на високото образование, потребно е државата да вложи максимални напори со цел финансиски да ги поткрепи образовните институции. УКИМ, и покрај сите ограничувачки фактори, успева самостојно да обезбедува приходи и скромно да вложува во неговиот развој, меѓутоа некогаш тоа не е доволно и заложбите за подобрување на рејтингот и квалитетот на образованието треба да бидат поголеми, како и поддржани од државата“, вели ректорот на УКИМ Проф. д-р Никола Јанкуловски/

Според него проблемот со рангирањето на УКИМ е комплексен и бара вклученост на повеќе актери, не само на

„Универзитетот. Секако, Универзитетот ја има основната одговорност, посебно во своите залагања за постигнување извонредност во секој аспект од својата работа. Но, одговорноста ја има и државата, со оглед на исклучително ниското вложување во високото образование и науката. Сметам дека покачувањето на буџетското финансирање на науката и високото образование може да има позитивен ефект врз зголемување на продуктивноста на научноистражувачката работа на УКИМ и покачување на позициите на листите за рангирање, кои приоритетот го ставаат на овие индикатори. Од квалитетот на научноистражувачката работа зависи и квалитетот на наставата“, вели Јанкуловски.

Тој смета дека многу од работите кои сакал да ги постигне во текот на мандатот како ректор се реализирани или, пак, се во фаза на реализација.
Тука можам да ги набројам воведувањето на студиски програми на странски јазици со цел привлекување на странски студенти, како и заложбата за поголема мобилност на наставниот кадар, кој е секогаш спремен за нови предизвици и искуства. Со задоволство ќе го спомнам потпишувањето на Колективниот договор на Синдикатот на УКИМ и Собранието на Република Северна Македонија, кој ќе придонесе за подигање на стандардот на универзитетските професори. Понатаму, УКИМ, како одговор на потребите на својата академска заедница, обезбедува пристап до електронски библиотеки за материјали кои овозможуваат пристап до бази на податоци за истражување, е-списанија, е-книги и сл. На УКИМ се формираше и Етичка комисија, која има за задача детекција на сите повреди на Етичкиот кодекс од страна на академската заедница, преку Етичкиот кодекс, чија цел е почитување на основните етички начела кои важат за сите членови на академската заедница, како и зачувување на нивното достоинство и интегритет. Воспоставување на канцеларија и одбор за управување со квалитет на УКИМ и создавање интегриран Центар за алумни се во фаза на подготовка, иако центри за алумни постојат на некои од единиците на УКИМ“, вели Јанкуловски.

Јанкуловски посочува дека за време на неговиот мандат, зајакната е меѓународната соработка преку интензивирање на комуникацијата и релациите со научноистражувачките кадри со потекло од Македонија и нивна афилијација кон Универзитетот, а основани се и Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања при УКИМ и Центарот за кариера на Универзитетот, кој претставува своевиден мост помеѓу студентите и бизнис-заедницата, трудејќи се да им обезбеди на студентите кариерен развој адекватен на нивното образование.

 

Слични содржини