Јанша: Словенците ќе можат да бираат вакцина од понеделник

од Nikola Popovski

Од понеделник Словенците ќе можат да изберат која вакцина против Ковид-19 ќе можат да ја примат, објави вчера словенечкиот премиер Јанез Јанша.

„Имаме доволно вакцини и од понеделник ќе биде можно да се избере видот на вакцината“, рече Јанша во говорот на конгресот на неговата Словенечка демократска партија (СДС), пренесе Хина.

„Клучната цел е да се постигне такво ниво на вакцинација за да се обезбеди имунитет и нормален живот не само во лето, туку и во есен“, рече Јанша, повикувајќи ги граѓаните да се вакцинираат во што поголем број.

Во Словенија се користат вакцините Модерна и Фајзер/Бионтек, како и векторските АстраЗенека и Џонсон и Џонсон, но поради поголемиот интерес за МРНА вакцините, од кои има помалку, стапката на вакцинација не беше како што првично се очекуваше.

Според официјалните податоци, 28,2 проценти од населението во Словенија досега биле вакцинирани со дозите потребни за целосна имунизација, а 797.861 со првата доза.

Во последните 24 часа се регистрирани 84 новозаразени во Словенија, со 3,8 проценти позитивни тестови и еден смртен случај, според Хина.

Во болниците има 101 пациент заразен од корона, а 14-дневната инциденца на инфекции на сто илјади жители е 82 случаи.

Слични содржини