Јапонија низ креации на македонски дизајнери – Алшар, Ивановски, Маригуча и Технолошкиот факултет со свои креации на Нихон-Џи 2.0

од Vladimir Zorba

Овогодинешното издание на Нихон-џи фестивалот за јапонска култура, ќе се одржи на 27-ми мај во Мала Станица, и ќе го претстави јапонското влијание врз македонските модни дизајнери преку нивните модни колекции пред публиката.

Модниот дел на Нихон-џи 2.0 „Неонски бранови“ ќе биде збогатен со исклучителните креации од Нела Тодоровска – Маригуча, која преку својата Cyber-Punk модна естетика, реконструирана во колекција со футуристички елементи инспирирани од Јапонскиот Авангарден стил ќе нѐ поведе кон една дистописка иднина.

Креативните студенти од Технолошкиот факултет во насоката Текстил, дизајн и моделирање, ќе стават фокус на самоодржливоста преку деконструкција на Јапонската улична мода користејќи рециклирана македонска облека, црпејќи мотиви и техники користени од основоложниците на Јапонската нослива модна авангарда, Јамамото и Кавакубо.

Дизајнерката Силвија Алшар ќе се претстави со сосема поинаква колекција од креации поттикната од богатиот свет на филмската франшиза „Војна на ѕвездите“ и особените карактеристики на јапонската традиционална облека.

Секогаш претставителен, македонскиот дизајнер Роберт Ивановски овој пат за публиката ќе прикаже своја оригинална машка колекција директно инспирирана од јапонските традиционални боречки облеки – кендоги и хакама.

Покрај презентација на модни креации, Нихон-џи 2.0 „Неонски бранови“ на својата публика ѝ ветува незаборавно искуство со богата музичка програма, изложби, проекции, трибини, работилници, презентации, поезија, игри, боречки вештини и продажен дел.

Фестивалот Нихон-Џи е единствениот од својата природа во земјата, а заинтересираните може да погледнат фотографии, видеа или други информации за сите настани на Јапан@мк на било кој од социјалните медиуми (Instagram, Facebook, Youtube) како и на страната japan.net.mk.

Деталната програма за фестивалот е достапна на нивната офицјална веб страна, како и Фејсбук настанот.

Слични содржини