Јапонија во фаза на промена на свеста, повеќето жени бираат меѓу кариерата и семејството

од desk4

Она-бугејша или жена која е вешта во боречки вештини е жена-воин, која доаѓала од редовите на јапонското благородништво. Овие жени учествувале во битките заедно со мажите самураи. Тие припаѓале на буши класата во феудална Јапонија и биле тренирани да користат оружје за да ги заштитат домаќинството, семејството и честа во време на војна. Сепак биле малцинство.

Со доаѓањето на Едо периодот улогата на она-бугејшите се сменила согласно промените на улогите на нивните сопрузи. Самураите повеќе не се грижеле за битките, станале бирократи, а жените, особено ќерките на побогатите семејства морале да се откажат од соништата за успех и моќ. Идејата за бестрашна посветеност и несебичноста во битката постепено ја замениле со тивка, пасивна, граѓанска послушност.

И денес кога битките со мечови завршија, јапонските жени се уште водат битка на други полиња за нивно рамноправно етаблирање во општеството. Повеќето јапонски жени во земјата, која е меѓу најразвиените економии во светот бираат меѓу кариерата и грижата за семејството. Повеќето од нив откако ќе родат дете одлучуваат да се посветат на неговото одгледување и ја напуштат работата или избираат да работат половина работно време.

И во кабинетот на јапонскиот премиер Шинѕо Абе, кој донесе амбициозна програма за родовата еднаквост, според која до 2020 година 30 отсто од раководните позиции во општеството треба да ги заземат жени, од вкупно 20 министерски места само едно е резервирано за жена. Тоа е министерката за регионална ревитализација, за регулаторни реформи, за родова еднквност и за јакнење на жените, Сатсуки Катајама.

-Во јапонското општество мора да создадеме атмосфера за да им овозможиме на жените на блеснат. Жената е клучна за ревитализација на општеството и сметам дека тоа го разбира и кабинетот на Абе, вели во разговор за МИА директорката на Институтот за истражување на жените и кариерата, Мачико Осава.

Иститутот беше формиран во 2008 година во рамки на Јапонскиот женски универзитет со цел да спроведува истражувања за развојот на кариерата на жените и да обезбеди добри политики и предлози до надлежните.

Кариерите на жените се поинакви од тие на мажите и се под влијание на животните циклуси, како раѓање на детето и грижата за него, но и за родителите. Повеќе жени во Јапонија сега се запишуваат на универзитетите и потоа работат, но сепак имаат проблем со наоѓањето работа со полно работно време. Кога еднаш јапонската жена ќе се откаже од работатат заради грижа за детето, потоа многу и е потешко да се врати на пазарот на трудот.

Јапонија во фаза на промена на свеста

Осава вели дека целта на Владата на Абе до 2020 година на 30 отсто од раководните позиции да бидат жени, според досегашните трендови е тешко остварлива.

-Корпорациите мора да го зголемат бројот на жени на раководни позиции во иднина. Иницијално владата бара од бизнисите да ја постигнат оваа цел од 2020, но тоа е невозможно, за тоа треба време, бројот се зголемува, но не до таа мера, вели таа во разговор за МИА.

Јапонија во моментов се наоѓа во фаза на промена на свеста за улогата на жената во општетвото.

-Јапонија е успешна во производствениот процес, со релативно висока продуктивност таа е успешна на глобалниот пазар, но мора да се прифати фактот дека се повеќе жени сакаат да имаат и кариера и истовремено да бидат мајки. Во ова насока имаше две револуции, првата тивката која почна во ’70-те години од минатиот век во САД и втората родова револуција, која почна на почетокот на 21. век. Тивката револуција ја означи промената на традиционалната дивизија на работната сила. Таа го отвори патот за идејата дека жените се способни да се развиваат себе си, да го користат своето име и повеќе да не бидат нечија мајка или нечија сопруга, нагласува таа.

Вели дека Јапонија страда од недостиг на работна сила, поради што сега Владата на Абе прави обиди за отворање кон странски работници, но истакнува дека тука треба да земе предвид можноста за поголемо вклучување на жените на пазарот на трудот.

На прашањето дали таа како експерт смета дека жените во Јапонија имаат исти можности како и мажите, таа кусо одговори: „Не“.

-Погледнете во случаите на високообразованите, дури и на интервјуата за вработување жените добиваат повеќе бодови, а потоа не примаат жена затоа што очекуваат дека таа во иднина ќе се омажи, ќе роди дете и ќе се откаже од работата и нивната крајна оценка се намалува. Има законска рамка за да се гарантира еднаквоста, но сепак има дискрминација на работното место. Мора понапорно да работиме за да ја победиме оваа дискриминација, нагласува Осава.

Додава дека моментално во Јапонија исто така се случува и револуција на работното место, а има промени и во сферата на домашните обврски, иако тие промените се мошне мали.

Жените се најзастапени во јапонскиот персонал во меѓународните организации и таму имаат повисоки позиции 61,3 отсто, во Долниот дом на Диетот има 10,1 отсто жени, во Горниот 20,7. Директорки на корпорации во економската сфера има само 3,7 отсто, новинарки 19,4 отсто, а во однос на други професии најмногу има жени во фармацевтската индустрија 65,9 отсто, лекарки има 21,1 отсто.

Според стапката на вработеност кај жените Јапонија е на 15 место меѓу 34-земји-членки на ОЕЦД. Изнесува 66,1 отсто, а највисока стапка има Шведска со 83,4 отсто.

Јапонија како високо технолошки напредна и најиновативна земја – жени истражувачи има само 15,7 отсто.

Јапонската круна може да ја наследи само машки наследник

Јапонија е уставна монархија. На чело на државата е цар, кој по втората светска војна има церемонијална улога. Сепак јапонските граѓани со кои МИА имаше прилика да разговара за време на престојот во Јапонија со голема почит говорат за царот и неговото семејство. Јапонската царска династија се смета за најстара во светот, но сепак таму жена не може да ја наследи круната.

Јапонската Влада во декември минатата година објави дека Акихито ќе абдицира на 30 април 2019 година. Акихито е единствениот цар денес во светот. Тој и неговата сопруга Мичико Шода имат три деца, двајца синови и една ќерка, Нарухито, Акишино и Нори.

Нарухито се очекува да биде наследник на најстарата монархија во светот. Тој ќе стане првиот цар, кој е роден по втората светска војна. Церемонијата на примање на круната ќе се одржи во октомври.

Идниот јапонски цар има една ќерка од бракот со принцезата Масако, која ја добија по осум години поминати во брак. Раѓањето на Аико или принзецата Тоши го отвори пршањето за евентуална промена на можноста жена да го наследи тронот. Меѓутоа подоцна вториот син на Акихито, Акишино доби две ќерки и еден син, со што оваа тема се затвори во јапонското општество.

Кохабитација во семејството

Помладите генерации во Јапонија многу полесно ја прифаќаа идејата дека и татковците треба да се грижат за семејството, за децата, за постарите жената е задолжена за детето, а мажот треба да заработува повеќе од неа.

-Во САД или Европа кохабитацијата во семејството стана многу популарна, кога се случи тивката револуција се смени партнерството во бракот. Има примери кога мајката заработува, а таткото останува дома и се грижи за домот и децата. Тие различни стилови на семејства се уште не се така лесно прифатени во Јапонија. Источноазиските земји доживуваат мошне забрзан економски раст, но се уште цврсто се држат до традиционалните улоги во семејството, нагласува Осава.

Јапонската жена според едно поновно истражување на домашни работи и грижата за децата поминува 7:34 часа, а само на грижа на детето 3:45 часа. Јапонскиот маж на домашни обврски и грижа за детето поминува 1:23 часа, а исклучиво само на детето 0:49 часа.

-Некои татковци поминуваат нула часови со децата, некои тоа го праваат за време на викендите, просекот покажува нешто, но сепак има варијации. Има разлики, како и секаде во големите градови и руралните средини. Високо образованите парови имаат повеќе волја за поделба на обврските. Сепак повеќето жени и работат и се грижат за семејството и тие имаат двоен товар, со кој понекогаш не можат да се носат и затоа избираат скратено работно време, додава таа.

Наталитетот во Јапонија во 2016 година има стапка од 1,44, возраста на стапување во брак и за мажи и за жени е зголемена, стапката на склучени бракови на илјада жители во 2016 година изнесува пет, што е најниска досега. Стапката на разводи се зголемувала до 2005 година, а потоа бележи благ пад и сега изнесува 1,73. Повеќето јапонски парови се одлучуваат да имаат едно дете.

-Жените, кои можат да најдат работат полесно донесуваат одлука да стапат во брак. Не е дека жените ја избираат кариерата, пред бракот и семејството, туку ако не си редовно вработен платата е многу помала и тогаш потешко се одлучуваат да стапат во брак. Ова важи и за машката популација, финансиска сигурност пред основање брак. И мажите и жените кои немаат сигурна работа тешко се одлучуваат на брак, додава таа.

Во пораст се еднородителските семејства и тука предничат жените, помош од државата имаат, но таа повеќе е во форма на обуки, а пари добиваат како социјална помош. Но затоа не треба да работат, а во Јапонија е срамота да не работиш, без разлика во каква ситуација се наоѓаш.

-Во Јапонија има социјална стигма за самохраните родители, кои зживеат од социјална помош, но и за сите оние кои живеат од таква помош. Луѓето те гледаат совршено здрав и те прашуваат зошто не работиш, мрзелив ли се, зошто не се обидеш да добиеш работа, вели таа.

Социјалната помош во Јапонија изнесува околу 1.500 долари, а просечната плата е опколу 2.800 долари.

-Социјалната помош е околу 1500 долари, секоја префектура има различни стандарди. И се базира на основните потреби за храна, облека, лекови. Тешко е да се живее со тие пари во Јапонија. Повеќето мајки во Јапонија работат поливина работно време, а ако не си вработен на полно работно време зимаш минимална плата, која не е повисока од осум долари на час. Социјалната помош понекогаш ги покрива трошоците во таквите случаи, но сепак повеќето мајки избираат да работат поради социјалната стигма и загриженоста дека детето ќе биде обележано дека мајка му зависи од социјално, додава таа.

Кимоно одраз на убавината на јапонската жена

Кога девојката во Јапонија ќе наполни 20 години, односно според јапонските закони ќе стане полнолетна облекува кимоно, како дел од традиционалниот рутуал, кој се почитува во оваа земја. Може да облече и порано, но секако оваа церемонија е неизбежна во одбележувањето на нејзиното полнолетство.

Кимоното е облека, која не така лесно се облекува, процесот е комплициран, најчесто во денешно време потребна е помош од стручни жени, а носењето на оваа традиционална јапонска облека е многу несоодветна за денешниот брз начин на живот.

-Мајка ми можеше сама да облече кимоно, баба ми секојдневно и без проблем се облекуваше во него, ја чистеше куќата и ги вршеше сите обврски, но јас не можев тоа да го правам. Кога се омажив во САД носев кимоно, пред се за да ја задоволам мајка ми, но морав да најмам професионалци за да ми помогнат да го облечам. Преферирам јуката еден вид на кимоно, кое наликува како домашен фустан и кое е лесно за облекување, нагласи Осава.

МИА во Кјото имаше можност да ја посети текстилниот центар Нишинџин, кој е особено познат по производство на оби – појаси, кои се носат на кимоното.

Кимоното, како што ни појаснија во Нишинџин центарот, најчесто се изработува од свила и може да се носи три генерации. Станува збор за материјал долг 12 метри, секако има и кимона од полиестер, памук и други поевтини материјали. Во денешно време се произведува машински, но се уште е зачувана традицијата на рачна изработка.

Можат да се најдат различни модели од екстремно формално до такви кои се за секојдневна употреба. Нивото на формалноста на женското кимоно се препознава по шарите и материјалот од кој е изработено.

Помладите жени најчесто носат кимоно со долги ракави, што означува дека тие не се мажени. Формалноста на кимоното се одредува и од видот и бојата на додатоците. Свилата се смета за најформален материјал од кој може да се изработи комоното, додека памукот и полиестерот се употребуваат за кимоно кое е за секојдневна употреба. Во зависност од материјалот и начинот на изработка можат да достигна цени од 20 долари до 20 илјади долари.

Јапонските жени ја сочувале традицијата на носење кимоно, но сепак тоа е резервирано за некои традиционални церемонии, посета на нивните будистички и шинто храмови или на некоја свечена вечера на која треба да се покаже убавината на оваа јапонска традиционална облека.

Во секојдневнието јапонската жена е практична и се адаптирала на брзиот начин на живот и трката за успех и истовремено менаџирање на многубројните семејни обврски.

Ана Цветковска   МИА

Слични содржини