Јапонски цреши ќе го красат и булеварот на Бит-пазар

од Maja Serafimova

Пешачката површина пред објектот на главната Пошта во центарот на градот од денеска има нов лик, изградена е нова велосипедска патека, поставени се клупи и канти за отпадоци, како и жардинњери со ниско украсно зеленило со сопствен систем за наводнување.

Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов на денешната промоција на новоуреденото катче во центарот на градот изјави дека годинава се во план да уредат 20 локации.

– Градот Скопје тука нема да застане, ова е почеток на она што ние го нарековме „микро 20“, односно, годинава очекувам да уредиме 20 локации. Мислам дека е видлива разликата како порано беше третирано зеленилото и како беше запуштано откако ќе беше поставено на некоја локација. Скопје загуби 70 проценти од зеленилото во Малиот ринг во лудилото на проектот „Скопје 2014“. Имаме обврска него да го надоместиме и секојдневно работиме на тоа – нагласи Шилегов.

Градоначалникот најави дека булеварот на Бит-пазар ќе биде украсен со јапоснки цреши. Дел од јапонските цреши кои се донација од ЕБОР беа засадени на улицата Максим Горки, а останатите ќе го красат булеварот на Бит-пазар.

-„Ние набавивме 50 јапонски цреши, дел од нив ги засадивме вчера, остатокот се наменети за булеварот на Бит-пазар. Булеварот ќе биде уреден со еден посебен вид на дрворед каков што досега сме немале“, рече Шилегов.

Шилегов исто така најави дека град Скопје од 1 декември ќе блесне од празничните украси и ќе биде најубаво украсено досега во последните неколку години.

М.С.

Слични содржини