„Јас сум геј и олимписки шампион. Се чувствувам прилично моќно поради тоа“

од Vladimir Zorba

Националната репрезентација на Велика Британија во синхронизирани скокови во вода од 10 метри направи сензација бидејќи во понеделникот освои златен медал во конкуренција на доминантната Кина.

За прв пат од Сиднеј, Кинезите не се олимписки шампиони во оваа дисциплина, а вниманието на јавноста го привлече изјавата на британскиот скокач Том Дејли по освојувањето на златото.

Дејли има 27 години, роден е во Плимут, Англија, тој е поранешен светски шампион, а покрај спортската, има и успешна кариера како Јутјубер.

– Јас сум геј човек кој е исто така олимписки шампион. Се чувствувам прилично моќно поради тоа – кога бев помлад не мислев дека ќе постигнам нешто големо заради тоа што сум – изјави Том Дејли откако го постигна најголемиот успех во својата кариера.

– Имам златен олимписки медал околу вратот после толку години. Многумина ме отпишаа и рекоа дека ми минале најдобрите години, но јас сум во најдобрата физичка и ментална форма во мојот живот. Менталитетот е тој што не доведе до златото. Ќе учествувам и во индивидуална конкуренција тука во Токио – ќе видиме како ќе се однесува моето тело – рече Британецот.

Дејли и Томас собраа 471,81 поени, а големите фаворити Чао и Чен имаа нешто повеќе од поен минус во однос на победниците (470,58).

Младиот, златен дечко се прогласил за геј кога имал само 19 години.

– Сакам да ставам крај на сите шпекулации за мојот живот и тоа отворено да го кажам. Мојот живот се промени затоа што запознав некој што има љубов и топлина и покрај кого се чувствувам безбедно. Тој некој е маж. Јас и самиот бев изненаден поради тоа, но секогаш го имав некаде длабоко во мене – рече Дејли во обраќањето на Јутјуб и додаде:

– Секако, сè уште сакам девојки на некој начин, но во моментов се гледам со маж и многу сум среќен поради тоа – рече Том во 2013 година.

Дејли освои златен медал како 15-годишник на Светското првенство 2009 година во скок од кула. Тој освои бронза во оваа дисциплина на Олимписките игри во Лондон во 2012 година.

Слични содржини