Јавната дискусија за четирите нацрт-амандмани завршува во понеделник во Штип и во Тетово. На првите три што се одржаа во Скопје беа изнесени експертски предлози кои се однесуваа на подобрување на нацрт-амандманите, но и за надминување на уставната празнина во врска со потпишувањето на законите од страна на претседателот.

Премиерот Зоран Заев и владините претставници на дебатите освен што ги презентираа нацрт – амандманите укажаа на потребата за донесување на уставните измени во контекст на влегувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ, на инклузивноста на процесот и отвореноста за нови предлози.

Потсети дека во нацрт – амандманите се вградени предлози на осумтемина пратеници и посочи на одлуката уставните измени да стапат на сила само доколку Грција ги ратификува Договорот од Преспа и Протоколот за наше членство во НАТО.
-Ние треба од грчка страна да побараме, како Република Северна Македонија, ратификација на  протоколот од НАТО оти така е опишано во самиот договор, а во суштина ние ќе бидеме Република Северна Македонија за меѓународна употреба откако Грција  ќе го ратификува и Договорот и  Протоколот од НАТО, рече Заев.

Грција мора, истакна тој, во ист ден или заедно паралелно  да ги ратификува конечната Спогодба  за решавање на спорот со името и протоколот за нашето членство во НАТО.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров вчера на дебатата во МАНУ го отвори прашањето за непотпишување на Договорот од Преспа, согласно кој се прават уставните измени, од страна на претседателот Ѓорге Иванов, со што тој не е стапен во сила и се уште не е воведен во правниот систем, и како во иднина да се исклучат вакви ситуации. Академиците имаа различни размислувања како правно да се реши оваа уставна празнина.

– Тука има уште една нова сугестија што не се однесува на Договорот од Преспа. На пример, јас лично мислам дека уставотворците никогаш не предвиделе дека Македонија некогаш ќе има претседател кој нема да ја следи својата должност да потпише документ, закон, да го прогласи што двапати ќе помине во Собранието. Тоа Уставот го вели експлицитно, но ние денеска во Македонија имаме една таква ситуација. Законот за ратификација со Договорот со Грција помина двапати, но тој уште не е потпишан односно прогласен и врз основа на тоа не е објавен во Службен весник. Можеби треба тоа да се предвиди… да се смета дека потписот е даден кога втор пат ќе биде изгласан, предложи Димитров.

Македонскиот министер за надворешни работи и потписник на Договорот пред академиците истакна дека ние имаме најголем интерес да се заврши ова прашање, со кое, како што кажа “сакаме да го затвориме поглавјето на идентитетските прашања, НАТО и ЕУ”.

Академикот Владо Камбовски осврнувајќи се на прашањето што го отвори Димитров за претседателоскиот потпис, рече дека Договорот од Преспа не е влезен во сила поради тоа претседателот на државата одбива да го потпише и предложи во Уставниот закон да се стави посебна одредба дека овој Договор стапува во сила со потпис на претседателот на Собранието. Но, сепак, вели Камбовски треба добро да се размисли како да се најде решение за оваа уставна празнина.

Од друга страна, пак, професорот Светомир Шкариќ предложи уште најмалку два амандмана на Уставот, што би се однесувале на прогласување на Договорот од Преспа, односно негово стапување во сила, и ставот за државјанството да стане нов амандман.

-Предлагам Договорот да се смести во посебен амандман. Предлагам 37 амандман да гласи: Договорот вака како што е формулиран со сите негови елементи да биде составен дел на уставниот поредок на Република Македонија, рече Шкариќ додавајќи дека идејата е тој да биде дел од уставниот или правниот систем.

На ова се спротистави академикот Владо Поповски кој смета дека станува збор за еден многу крупен проблем што прво треба да добие легитимитет, потсетувајќи дека тоа би можело да отвори долга дебата, а временските рамки за усвојување на уставните измени се веќе познати.

– Од кога тоа би го добил како легитимитет веројатно на полето на уставно-правното решение кога станува збор за Уставот е уште еден долг процес. Со други зборови, ако по овој повод се тргне во таа смисла, за две години нема да заврши дискусијата. Станува збор за потреба со преклузивен рок кој постои во самиот Договор… да се заврши уставното покривање на клучните барања во тој Договор за да може Македонија да исчекори и да фати приклучок со евроатланските интеграции, рече Поповски.

На првата дебата што се одржа во Владата во средата попладне академикот Поповски го соопшти својот предлог за нацрт – амандманот 34 односно за Преамбулата на Уставот: Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои се дел албанскиот народ, турскиот народ, српскиот народ, влашкиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на заедничката татковина, еднакви во своите права и одговорни според идните генерации во согласност со традициите на Крушевскиот манифест и Крушевската Република и со решенијата на АСНОМ за негово прогласување за врховно, законодвано, извршно, народно, претставничко тело и највисок орган на државната власт на демократска Македонија…

– Мислам дека треба да се задржи од претходната пристапот: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ“ бидејќи на таа основа укажуваме на еден битен факт дека граѓаните на Република Македонија, поединечно како историски субјект не се националниот државотворен субјект на македонската држава, туку тие граѓани секогаш се јавуваат здружено преку одредени организации водства и се јавуваат како колективен субјекти кој се бори за своја држава, рече професорот Поповски.

Предлози изнесе и проф. Љубомир Фрчковски, кој смета дека амандманите не ја загрозуваат граѓанската основа на државата, дека се прифатливи од аспект на идентитетските прашања и дека притоа некои делови се зајакнуваат дури и кога се споменуваат други етнички заедници, како и дека решенијата се во рамки на уставно-правните стандарди.

– Ако се остави зборот Македонија во членот 36, тоа има консеквенци, рече професорот додавајќи дека можеби треба да се размисли за терминот национално ослободителни војни за независна македонска држава.
Во однос на Преамбулата, според Фрчкоски, дилемата останува дали да остане само да се наведе Прогласот, бидејќи тој на некој начин го опфаќа Манифестот, или да се оди на конкретно набројување на документите, што би биле екстензивно, но можеби треба да се расправа.
– Но не може да се реферира во Преамбулата на Уставот од 1991 година. За прашањето како ќе биде ставен Охридскиот рамковен договор, не е спорно дека тој конститутивно го менува политичкиот систем и го зацврстува, тој треба да биде ставен, но како, прашува професорот. Според него, треба да се раздвои реченицата на историските конститутивни акти, и временски се случува по Уставот од 1991 година, рече професорот Фрчкоски.

На јавната расправа на Универзитетот ФОН во четвртокот ректорот  проф. д-р. Нано Ружин, искажувајќи поддршка за процесот на уставните измени, говореше за потребата од истакнување на големата улога на потпишувањето на Договорите со Бугарија и Грција, како знак на пријателство и добрососедство кои обезбедуваат и стабилизација во регионот и отвораат пат на Македонија кон НАТО и ЕУ. Професорот Темелко Ристевски, пак, презентираше предлог во Амандманот 36, во точка 3 која вели „Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство“, да се додадат и зборовите „и за припадниците на албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и припадниците на други народи кои имаат македонско државјанство и живеат во странство”.

Премиерот Заев одговарајќи на прашања во врска со менувањето на личните документи по успешното имплементирање на Договорот со Грција, рече дека замената ќе се врши постепено, кога ќе им престане важноста на документите.

Тој укажа дека не треба да постојат грижи за идентитетот бидејќи “во договорот со Грција има признание на македонскиот јазик, на нашето самоопределување”.

-Нема да бидеме северномакедонци, а нема да го носиме ни срамот на ФИРОМ-ци, треба да размислиме и што ќе им оставиме на нашите деца, рече Заев.

Меѓу учесниците се слушнаа и предлози за внесување во личните документи и на припадноста на етничката заедница, освен изјаснувањето за државјанство.

На дебатите што се одржуваат во органзиација на Владата учествуваат пратеници, претставници на научната јавност, граѓански организации, новинари, но не и претставници и пратеници од опозицијата.
Дебатите завршуваат во понеделник во Штип и Тетово. Два дена подоцна Владата треба да достави Извештај до Собранието, а претседателот на Собранието Талат Џафери треба да закаже седница не порано од триесет дена. Во оваа фаза на уставните измени амандмани на нацрт-амандманите можат да поднесуваат и пратениците. Уставните амандмани ќе се сметаат за донесени доколку за нив гласаат 80 пратеници.

Слични содржини