За прв пат јавниот долг на Соединетите Држави надмина 30 трилиони долари (1 трилион=1.000 милијарди), покажуваат податоците објавени од Министерството за финансии на земјата.

Колоната за вкупен државен долг покажува 30,012 трилиони долари. Ова е рекордна бројка за долгот на американската влада за целиот период на нејзиното постоење.

Според „Њујорк тајмс“, сегашните бројки се постигнати неколку години порано од очекуваното – како резултат на федералните трошења од трилиони долари што Соединетите држави ги одвоија за борба против пандемијата, вклучително и 5 трилиони долари за проширување на бенефициите за невработеност, финансиска поддршка за мали бизниси и стимулативни плаќања финансирани со заеми.

Во позадина на намалените случаи на КОВИД-19 во првата половина на 2021 година, американската економија забележа нагло закрепнување на растот на БДП: 6,3% во првиот квартал и 6,7% во вториот. Во третиот квартал, пак, растот забави на 2,3%. Експертите го припишуваат ова на ширењето на видот „омикрон“, високата инфлација (достигна 6,8% на крајот на декември 2021 година – највисоко ниво од 1982 година) и проблемите во глобалните синџири на снабдување.

Заемите, за кои многу економисти велат дека биле потребни за обнова на Соединетите држави од пандемијата, и предизвикале на земјата толку многу долг што владата ќе мора да потроши повеќе од целата годишна економија на Америка за да го исплати.

Некои економисти тврдат дека високиот долг на земјата не е нездрав, имајќи предвид дека економијата расте, каматните стапки се ниски и инвеститорите се уште се подготвени да купат американски државни хартии од вредност, давајќи им сигурни средства за да помогнат во управувањето со финансискиот ризик. Овие хартии од вредност и овозможуваат на владата релативно евтино да позајмува пари и да ги користи за инвестирање во економијата.

Во последната година од претседателствувањето на Доналд Трамп (2020), американската економија се намали за 3,5% – прв пад од финансиската криза во 2008 година и најзначаен од 1946 година, кога БДП на земјата падна за 11,6%). На крајот на првата година од претседателствувањето на Џо Бајден, Федералните резерви прогнозираат раст од 5,5%. Поради тековната пандемија, американската влада е принудена да зема се повеќе заеми – на крајот на 2021 година државниот долг го надмина прагот од 29 трилиони долари (околу 125% од БДП).

Слични содржини