Јовановиќ: Ако се удоволат барањата на коморите, државата целосно ќе крахира

од Берта Китинска

Само што ги видов барањата на коморите (Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, МАСИТ и Сојуз на стопански комори) до Владата. Практично, бараат да не плаќаат даноци и државата да им покрива плати за работниците. Профитите, се разбира, да не им ги чепка. Ништо за јавното здравје, општото добро и слично, пишува во својот Фејсбук статус поранешниот советник во министерството за економија, Бранимир Јовановиќ.

Обраќајќи се кон коморите, Јовановиќ посочува дека државата би крахирала доколку се удоволат сите нивни барања.

„Дали се свесни дека во таква ситуација сите ќе фатиме корона, вклучувајќи ги и нивните работниците и нив самите? Дали и тогаш ќе се грижат само за нивните дебели профити?Да не испадне дека не сум конструктивен – да, државата треба да им помогне на погодените фирми. Тоа е основниот постулат на економските политики, да ѝ помагаат на економијата кога таа е во криза. Но поддршката треба да биде разумна и добро димензионирана, во вид на краткорочна поддршка за да се преброди кризниов период, и насочена кон оние кои се погодени и не можат сами да се справат со кризата. Конкретно, треба да се обезбеди директна финансиска помош, на пример, преку поволни кредитни линии, и одложено плаќање на давачките кон државата. Но, само за фирмите кои имаат намален промет поради кризава и кои немаат доволно средства за да се справат самите“, пишува тој на Фејсбук.

Тој посочува дека државата во оваа криза треба да ги заштити и граѓаните, не само фирмите. Според него, освен забраната за покачување на цени, која веќе се донесе, треба да се забрани и отпуштање на работници за време на кризата, мораториум на присилна наплата и извршување, и замрзнување на обврските за камати кон банките.

„Вакви мерки воведоа некои европски држави, па ако можат тие, можеме и ние“, завршува Јовановиќ.

Слични содржини