Јовановиќ: На Западен Балкан му недостасува високо квалификувана работна сила потребна за високотехнолошки компании

од Vladimir Zorba

Странските директни инвестиции (СДИ) на Западен Балкан се стабилни и се зголемуваат секоја година. Како и да е, кога станува збор за профилот на инвестиции, најголемиот дел сепак е насочен кон ниско-технолошки производи, што е на некој начин спротивно на целите на Индустрија 4.0 што земјите од регионот си ги поставија за себе, пишува порталот Emerging Europe.

Главните проблеми на СДИ во регионот се однесуваат на стратегиите избрани од државите со цел да привлечат инвеститори. Во Србија, што постојано покажува добро ниво на странски директни инвестиции и која е на прво место во регионот во овој поглед, големите инвестиции првенствено резултираа со изградба на фабрики кои вработуваат релативно ниско квалификувана работна сила.

“Повеќето СДИ во Србија и во Западен Балкан како целина се занимаваат со нискотехнолошко производство, за што е потребна ниско квалификувана работна сила. Едноставно кажано, на Србија и на Западен Балкан им недостасува високо квалификувана работна сила потребна за високотехнолошки компании”, рече Бранимир Јовановиќ, економист од Виенскиот институт за меѓународни економски студии и експерт за регионот на Западен Балкан.

Махмуд Бушатлија, советник за СДИ, се согласува со оваа проценка.

“Ако погледнете на учеството на германските инвеститори на (српскиот) пазар, со голем број нивни компании и десетици илјади вработени, реалноста е дека бројот на вработени е околу 150 по компанија. Ова значи дека повеќето од овие компании се мали и средни претпријатија, од кои само неколку се големи , што значи дека услугите на овие компании се повеќе занаетчиски отколку индустриски “, објаснува тој.

Релативно нискотехнолошката природа на СДИ во регионот е поврзана со уште едно прашање, односно релативно контроверзната политика за субвенционирање што ја водат земјите од регионот.

Бидејќи на земјите им недостасува високо квалификувана работна сила што би била привлечна за високотехнолошки инвестиции, тие се принудени да се натпреваруваат на различни начини.

“Предноста (на Западен Балкан) во споредба со другите региони е што тие нудат пониски плати, пониски даноци и дарежливи пакети за поддршка на странски компании. Овие фактори се важни за производствените компании, но не и за високотехнолошките компании“, објаснува Јовановиќ.

Конечно, прашање што ги мачи многу експерти во регионот е зошто земјите од Западен Балкан не биле толку успешни во привлекувањето високо квалитетни странски директни инвестиции како групата земји од Вишеградската група.

Според Јовановиќ, во игра се неколку фактори. Географската близина на Западна Европа е една од нив. Западен Балкан е едноставно премногу далечен. За германска компанија е полесно да отвори фабрика во Чешка или Полска отколку во Србија и Црна Гора.

Потоа, тука се општите економски услови кога секој регион првпат започна да се натпреварува за странски инвестиции. Кога Вишеградската четворка се приклучи на ЕУ во 2004 година, економските услови беа едноставно подобри, а СДИ исто така имаа тренд на пораст.
“Земјите од централна Европа исто така имаат прилично добра инфраструктура, функционални институции и квалификувана работна сила“, вели Јовановиќ.
Спротивно на тоа, кога Западен Балкан се обиде да го копира она што го стори Вишеградската четворка, следеше рецесија во 2008 година.

Слични содржини