Јовановиќ: Пораката на САД за Груевски и Мијалков, е порака и за Мицкоски

од Берта Китинска

Влегувањето на црната листа на САД на Никола Груевски и Сашо Мијалков е поради НАТО, а и поради тоа што оваа држава јасно фати правец со Западот, Европа и САД. Северна Македонија не може да седи на две столици, а овие двајца веројатно за Западот и НАТО претставуваат закана, вели во разговор за „Локално“, политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ во врска со одлуката на САД да ги стават на „црна листа“ пораншениот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

Според него САД ги има ставено на црна листа Груевски и Мијалков затоа што можат со своите пари и влијанија да предизвикате криза и конфликт во земјата.

– Груевски доби азил од Унгарија, таа земја е на Орбан и партијата ФИДЕС. Не е на одмет да се потсетиме дека Орбан е личен пријател со Путин, и не е на одмет да се потсетиме дека Орбан е најголемата матица на сиот десничарско-олигархиски свет во Европа. Еден авторитарен лидер кој формално-правно е дел од Европа, ги користи нејзините пари и ресурси, а во својата земја владее недемократски и авторитарно. Не треба да потсетувам и на тоа што Груевски и Мијалков претставуваат во оваа земја и каков тип на владеење создадоа. Така што, САД не става на црна листа затоа што вие развивате тези за Фоербах, туку затоа што можете со своите пари и влијанија да предизвикате криза и конфликт во земјата. А знаете како е со кризите: или ја контролирате или воопшто не ја контролирате. Оттука, претпоставувам, Запад и САД овие луѓе ги смета за потенцијална закана, појаснува политичкиот аналитичар.

Тој смета дека оваа црна листа е направена поради тоа што Европа и САД се мобилизираат во сиот свој капацитет: финансиски, логистички, идејно и воено, појаснувајќи дека простор за седење на две столици нема „или ќе бидеме сите со западниот и развиен свет или напросто нема да не има“.

– Пораката на САД е за Груевски и Мијалков, воедно и е порака за Мицкоски. Да се приземји, да се обиде да проникне во реалноста и курсот на државата: Северна Македонија е со Западот, Европа и САД. Секое кокетирање со радикално-десни движења порано или подоцна може да го чини кариера, а може и да го чини азил, како неговото другарче во Будимпешта, Груевски., смета Јовановиќ.

За тоа каква порака генерално испраќаат САД до политичарите во земјава со оваа одлука, аналитичарот децидно вели дека ако е јасен националниот и државен интерес со Западот големите земји ве држат за збор.

-Пораката е јасна: ако сте рекле дека вашиот национален и државен интерес е со Западот, Европа и САД, во тој контекст големите земји ве држат за збор. Ако сте рекле дека се залагате за дијалог, мир, владеење на право и демократија со сето свое шаренило, сериозните земји ги слушаат вашите зборови и ви веруваат. А тие што не им веруваат, гледаме, ги испраќаат на црни листи. Нема тука подлабока онтологија. Им велиш, ти веруваат. Ги изневеруваш, те пуштаат низ вода. Понекогаш таа вода е плитка, а понекогаш е длабока. Така функционира реал политиката, појаснува тој.

Б.М.

Слични содржини